Италија и Шпанија од 21 часот на „Вембли“ ќе играат во првото полуфинале на 16-то Европско првенство во фудбал. Победникот ќе игра во големото финале што е закажано на 11 јули против подобриот од утрешната пресметка меѓу Англија и Данска.

„Азурите“, предводени од Роберто Манчини, играат најдопадлив фудбал на шампионатот и важи за фаворит меѓу неутралните гледачи, а добар дел од нив типуваат дека трофејот ќе заврши на Апенините. Но, Италијанците вечерва ќе играат без Леонардо Спинацола кој се здоби со тешка повреда во четвртфиналната средба против Белгија и пред него е пауза од најмалку шест месеци.

Проблеми во пресрет на фудбалската битка за финале има и шпанскиот селектор, Луис Енрике. Од комбинација, поради повреда, отпадна Пабло Сарабија, па очекувањата се дека во стартниот состав ќе има место за Дани Олмо. Последниот тренинг го пропушти и Ајмерик Лапорт како кого, според шпанските медиуми, не станува збор за повреда, туку стоперот на „фуријата“ едноставно добил ден повеќе за одмор.

Италијанците се благи фаворити и според обложувалниците. Коефициентот за нивна победа е 2,70 додека за реми и триумф на Шпанија е 3,20.

Можни состави

Италија (формација 4-3-3): Донарума – Емерсон, Кјелини, Бонучи, Флоренци – Верати, Жоржињо, Барела – Инсиње, Имобиле, Киеза. Селектор: Роберто Манчини

Шпанија (формација 4-3-3): Унаи Симон – Жорди Алба, Лапорт, Гарсија, Аспиликуета – Педри, Бускетс, Коке – Олмо, Мората, Морено. Селектор: Луис Енрике.