Хорхе Сампаоли не можеше да посака подобро деби на клупата на Аргентина. И тоа не против кого било туку против најголемиот ривал во Јужна Америка. „Гаучосите“ во пријателски меч во Австралија го совладаа Бразил со 1:0. Стрелец на единствениот гол беше Габриел Меркадо во последната минута од првото полувреме.

Иако имаше само еден гол, сепак, 96.000 гледачи на „Мелбурн Крикет Граунд“ присуствуваа на интересен фудбалски натпревар во кој „кариоките“ беа подобар ривал. Создадоа повеќе шанси за гол, но моментот од 45 минута се покажа како решавачки за победникот.

Сампаоли го изведе, речиси, најсилниот состав, со Меси, Игуаин, Дибала, Ди Марија, Банега, Отаменди додека меѓу Бразилците недостасуваше Нејмар кој беше ослободен од обврски од селекторот Тите.