Битката за Водно сè уште не е изгубена, порачаа на денешниот протест против изградбата на гасоводот од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

На протестот што се одржа на сртот на планината во близина на Милениумскиот крст, на граѓанските иницијативи им се придружија околу стотина граѓани, планинари и велосипедисти. Тие на големото платно на кое пишуваше „Не низ Водно“ ги испишаа своите пораки за заштита на парк шумата и потоа ги поставија пред багерите кои се наоѓаат на планината поради градежните работи за изградба на гасоводот.

-Во јавноста се говори дека битката за Водно е изгубена, дека гасоводната траса мора да оди низ овој дел од парк шумата. Ние сме тука да порачаме дека таа битка сè уште не е изгубена и да докажеме дека здравјето на граѓаните на Скопје е пред битката за профитот, односно од тој наводеден бенефит од гасоводот. Ние не сме против гасификација, туку бараме тој да минува низ северната страна на Водно. Сакаме да повториме дека овој гасовод не е за Скопје, туку за Тетово и Гостивар. Скопје веќе 20 години има гасовод, но нема терцијална и секундарна мрежа. Исто така, мрежа немаат ниту Тетово и Гостивар. Додека се проектира мрежата има време да се најде и нова траса низ која ќе минува гасоводот“, рече Анреа Јанков од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

Од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ денеска исто така преку соопштение насловено како Зошто „Не низ Водно“, опширно одговорија на официјалниот став на Владата од 29 јули, во кој се посочува дека гасоводот низ Водно е еколошки проект со минимален ефект врз животната средина, денеска преку соопштение реагираа од иницијативата „Не низ Водно“.

-Градење во заштитено подрачје, каде живеат ендемични, ретки и загрозени видови од Светската црвена листа на видови кои исчезнуваат, видови строго заштитени со анексите на Бернската конвенција за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта и ЕУ директивите за живеалишта и птици, кои имаат статус на меѓународна заштита; заштитено подрачје каде што е присутна 1/3 од флората на цела Македонија, каде биолошката разновидност според Рио-Конвенцијата за биодиверзитет државата има обврска да ја штити; градење низ ерозивно подрачје со енормно сечење на вегетацијата, отстранување на хумусната површина, нарушување на природната состојба на тлото, деструкција на карпите на помали фракции и нивно поместување, појава на ерозија и свлечишта, нарушување на движењето на докажаните површински и подземни води, затнување на одводните канали, деструкција на воспоставените хабитати на флора и фауна и сл.; а со режим на заштита кој забранува сеча, поткастрување, кршење, насилно оштетување на дрвја, стебла, корења, гранки; менување на растителни услови, како отстранување на земја; градење на поголеми постојани објекти или градби на подрачјето на непосредниот растителен реон, констатираат од Иницијатовата, што според нив не може под ниту едни услови ова да се нарече еколошки проект со минимален ефект врз животната средина.

Од иницијативата додаваат дека излегле на терен и дека во овој момент нема градежни активности, но тек се подготвителни активности за препроектирање на трасата.

-Изработен предлог и конечна одобрена измена на трасата со издадено одобрение за градење се две сосема различни работи. За да се работи на терен, како што се работело помеѓу 25 и 27 јули, изменетата траса требало да е одобрена со издадено одобрение за градење, но не била и се работело на старата траса. Постои ширина на траса додека се работи на поставување на гасоводот и ширина на траса која останува после изградбата на гасоводот. Првата не може да е под 20-25 метри за нормално и безбедно работење. Втората, според сите стандарди не смее да е помала од 15 до 20 метри и тој појас мора да остане чист и на него не смеат да се садат дрва. Дополнително, ширината на трасата нема да може да се намали по цела нејзина должина, туку само каде е можно, ако воопшто, според тоа како стандардите налагаат, а и според она што гледаме на терен.  Делови со густа дрвна маса ќе се исечат и со новата изменета траса и тоа во потег од околу 2 до 2.5 километри. Срамнувањето на околу 200 метри од сртот со багери е градежна активност која се одвивала на старата траса во ширина на старите 25 метри“, се наведува во соопштението.

Во аргументирањето на тезата зошто „Не низ Водно“, од Иницијативата уште наведуваат дека спорни се тврдењата на Владата дека наместо на дрва, овој проект ќе овозможи греење на гас, бидејќи како што велат дури и овој гасов да се заврши утре, потребна е изградна на секундарна и терцијална мрежа за снабдување на домовите, која всушност не постои.

Спорен е и еколошкиот предзнак.

-Со ставање на еколошки предзнак на гасоводот, не се оправдува уништувањето на заштитеното подрачје парк шума Водно. Градење во заштитено подрачје, како парк шума Водно, е спротивно на сите еколошки принципи, се истакнува во анализата.

Од граѓанската иницијатива, како декларативно го сметаат тврдењето на Владата дека јужната страна на Водно ќе се пошуми, бидејќи како што велат тоа со децении не е ништо ново.

-Во реалноста, јужната страна е тешка за пошумување, дури некои сметаат дека не е можно да се пошуми, па затоа стои вака оголена. За да се пошуми јужната страна потребна е експертиза, макотрпна работа, континуиран надзор на терен и употреба на најнови сознанија за успешно пошумување на соголени планински предели, велат од Иницијативата.

Најавата од Владата дека како компензација на изградбата на гасоводот на ова место, ќе се оформат нови заштитни подрачја на Водно кон Матка, за “Го сакам Водно“ е апсурдна, бидејќи екосистемот на подрачјето каде што ќе се работи, со сите негови елементи и жители, ќе биде неповратно оштетен и тој биодиверзитет ќе биде уништен.

-Подрачјето е заштитено со причина и тоа треба да остане такво како што е без дополнителни интервенции во него. Апсурдноста на формирање на нови заштитени подрачја, со уништување на постојно заштитено подрачје, не може да е поголема. Се руши едно за да се формира ново? Од друга страна, формирање на нови заштитени подрачја на Водно не е можно, зошто тоа е опфатено со сегашната парк шума Водно, велат од Иницијативата.

Тие најавуваат дека ќе ја продолжат борбата на сите нивоа и со сите средства, бидејќи како што велат гасоводот може и мора да најде друг пат низ кој ќе минува, но не низ Водно.

На 15 август, граѓанските иницијативи испратија и дописи до меѓународни институции и банки со кои алармира за заканата од уништување на парк шумата Водно од изградбата на гасоводот низ значајни подрачја на природата богати со биодиверзитет.

Владата не  отстапува од проектот, ја смени трасата

Трасата на гасоводот е предвидено да минува од јужната страна во парк-шумата, поточно од Сопиште кон врвот на Водно, паралелно со пешачката патека кон бункерите минува низ шума, до Бел Камен, од каде што се спушта кон селото Шишево.

По критиките од невладините организации, минатиот месец Македонски енергетски ресурси предложи нова траса за гасоводот преку Водно со која максимално ќе се заштити зелениот појас.

МЕР ја смени трасата, но не целосно

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, директорот на МЕР Бајрам Реџепи и претставници на иницијативата „Го сакам Водно“ на 10 јули беа на увид на предложената траса, а Анѓушев тогаш изјави дека според предлогот на МЕР максимално ќе се избегнуваат површините покриени со шума, делумно ќе се користат и патчињата и патеките кои веќе постојат, со што за околу 70 проценти ќе се намали влијанието врз зелениот појас во постапка на градење.

Но групата „Го сакам Водно“ кон крајот на минатиот месец на прес конференција пред Град Скопје уште еднаш ќе се обиде да ја сопре намерата на надлежните дел од гасоводната мрежа да се гради низ парк шумата Водно.

Од Владата одговорија дека гасоводот e типичен еколошки проект кој ќе има сериозно позитивен ефект за животната средина и дека „дефинирање целосно нова траса за овој гасовод не е можна, бидеjќи тоа ќе донесе неколкукратно поголеми проблеми и штети за државата и за граѓаните: губење време за реализација на гасоводот, правни проблеми со експропријација на земјиште, губење на заемот со исплата на  дополнителни големи камати, сериозно одложување на реализација на еколошкиот проект-гасовод, и со тоа поттикнување натамошно греење со огревни дрва, наместо со гас, што ја загрозува животната средина“.