Против градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков ќе биде поднесена и кривична пријава за прекршување на задолжителната самоизолација по тестирање за ковид-19, дознава Телма. Пецаков на Водици без заштитна маска присуствуваше на одбележување на христијанскиот празник во Охрид. Притоа се сретна и со евроамбасадорот Дејвид Гир, а беше на литургија со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

СВР Охрид во координација со Центарот за Јавно здравје презема мерки и активности за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија МВР.

По информацијата на порталот а1он.мк која набрзо се раширила низ Охрид, граѓаните веднаш побарале термини за тестирање. Пецаков, во изјава за порталот истакнал дека немал никакви симптоми, а се тестирал заради патување во Банско. Вчера го повторил тестот и добил негативен резултат.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) потенцираат дека без разлика од која причина се прави тестот и без разлика дали се работи за симптоматски или асимтоматски случај, резултатот се чека во самоизолација.

Со посебна уредба на Владата, донесена на 22 април 2020 година, со законска сила се задолжува самоизолација додека се чека резултат од тестирање.