Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за поранешниот генерален директор на Државната лотарија и поранешен вицепремиер, двајцата осомничени во врска со истрагата за проневера во Државна лотарија. Како што информира Обвинителството, предлогот има за цел притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „проневера во службата“, а за уште четири лица е поведена постапка за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Според соопштението на Јавното обвинителство, постапувајќи по поднесени кривични пријави од МВР и Управата за финансиска полиција, биле преземени повеќе дејствија. Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“ во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија кои довеле до извршување на штета на акционерското друштво, со намера да прибават противправна имотна корист за друг, која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.
„Првоосомничениот, претседател на Управниот одбор – Генерален директор на „Државна лотарија“ на 9 мај 2023 година електронски до Владата во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали и нивно имплементирање. Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42 отсто од сметководствената вредност на друштвото, согласно последните финансиски извештаи. За оваа значителна зделка, согласно Законот, предвидена е постапка за одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на „Државна лотарија“, а не од Собранието на акционери“, се вели во соопштението.
Предлогот, како што се наведува, бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД „Државна лотарија“ согласно Законот за игри на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава. Ова право било вложено во Државната видеолотарија „Касинос Аустрија“ ДОО Скопје како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра во 2013 година, со што „Државната лотарија“ стекнала удел од 51 отсто во основната главнина на друштвото формирано со „Касинос Аустрија“.
Второосомничениот, иако исто така бил свесен дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека „Државната лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа, на 6 јуни 2023 година, како вицепремиер претседавал со седница на Влада во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка.
„На седницата била усвоена информацијата и „Државната лотарија” била задолжена да ги преземе активностите за да започне самостојно да приредува електронски игри на среќа и да ги набави потребните видеолотариски терминали. Потоа првоосомничениот ги донел потребните одлуки, биле спроведени јавни набавки и се склучиле договори со кои е преземена обврска во вкупен износ од 501.319.119 денари за набавка на видеолотариски терминали, кои согласно закон воопшто не смееле да се употребат за приредување електронски игри на среќа. И покрај набавката, тие никогаш не биле ниту ставени во употреба“, се додава во соопштението.
Останатите четворица осомничени, како претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, се сомничат дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности, спроведувајќи јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законските услови.
По спроведените постапки, изготвиле извештаи со кои констатирале дека четири понудувачи ги исполнуваат условите за склучување на договори за заедничко вложување, иако понудувачите не ги исполнувале законските услови и не биле приредувачи на игри на среќа. За четворицата осомничени од комисијата во „Државната лотарија“, надлежниот јавен обвинител до Судот ќе поднесе предлог за определување мерки на претпазливост.