Јапонија денеска го распушти парламентот, како дел од подготовките за избори кон крајот на овој месец на кои новиот премиер Фуми Кишида ќе се соочи со непопуларната опозиција во борба за тоа кој може да ја подобри економијата погодена од пандемијата на ковид-19.

Кишида има јавна поддршка по 11 дена од преземање на премиерската функција, покажуваат анкетите, што зборува за неговата цел да го задржи мнозинството во Долниот дом за неговата Либерално-демократска партија (ЛДП) и нејзиниот коалициски партнер „Комеито“.

Гласачите сакаат влада која има планови за одлучни мерки за ставање крај на пандемијата и обнова на економијата. Неодамнешното истражување на весникот „Санкеи“ покажа дека околу 48 проценти од испитаниците велат дека сакаат администрацијата на Кишида најмногу да работи во борба против пандемијата, проследено со економско закрепнување и вработување.

Партијата на Кишида промовира напори за воведување на мерки против ковид-19, вклучително и испорака на орални антивирусни лекови во оваа година, како и неговата визија за постигнување на „нов капитализам“ што се фокусира на економски раст и прераспределба на богатството.

Владејачката партија, исто така, повика на итно зголемување на трошоците за одбрана, со цел да се стекне способност за уништување балистички ракети, поради се поагресивниот став на Кина кон Тајван.