Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска по средбата на лидерите на ЕУ и Западен Балкан во Брисел изјави дека во контекст на руската агресија врз Украина, проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан треба да се гледа како инвестиција во безбедноста на ЕУ. „Во тој контекст, на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан треба да се гледа како на неопходност, но и на инвестиција во безбедноста на ЕУ“, рече Ковачевски.

„Што се однесува до францускиот предлог му заблагодарувам на претседателот Макрон за неговата посветеност и напорите да се најде решение но предлогот во сегашната форма не е прифатлив за мене, за Владата, претседателот на државата, за другите институции како и за сите граѓани во Република Северна Македонија“, изјави  Ковачевски на прес конференцијата по состанокот ЕУ – Западен Балкан.

Тој уште еднаш ги повтори црвените линии – чиста формулација за македонскиот јазик, јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања да не бидат критериуми во преговарачката рамка, a преговорите со ЕУ да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот.

„Сите 27 лидери кои се приклучија, влегоа гордо со сите свои културни и лингвистички различности. Ништо повеќе од ова не бараме ни ние. Почит за лингвистичкиот, културниот и историскиот идентитет на мојот народ“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека акцијата на Бугарија само отвора простор за „одредени трети страни“ и дека таа е „исклучително важна од геостратешка гледна точка“.

Ковачевски рече дека е време ЕУ да ги исполни своите ветувања пред да даде нови. Тој додаде дека Северна Македонија ќе бара цврсти гаранции и од Бугарија и од ЕУ дека Бугарија нема да поставува нови услови во преговорите и билатералниот протокол, кој се уште не е усогласен.

Ковачевски изјави дека иницијативата Отворен Балкан не е замена за Европската Унија.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ во Брисел изјави дека бил притиснат поради руската агресија врз Украина, но дека не дошол да ја оправда позицијата на Србија.

Вучиќ изјави дека од почетокот на рускиот напад на Украина, во европските медиуми се објавени 2.629 написи во кои се наведува дека Србија го загрозува целиот регион на Западен Балкан, го загрозува суверенитетот на Босна и Херцеговина и „т.н. Косово“.

Тој праша дали има извинување за тие „измислици“ што медиумите им ги пренесоа на граѓаните на европските земји и рече дека е само должен да постапува согласно интересите на Србија.

Не сум тука да ја оправдам нашата позиција“, рече Вучиќ.

Зборувајќи за Самитот, Вучиќ рече дека Србија ја поддржува идејата за европска политичка заедница предложена од францускиот претседател Емануел Макрон.

„Тоа е единствениот начин да се слушне нашиот глас“, рече Вучиќ на заедничката прес-конференција со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и Албанија, Еди Рама.

Тој рече дека на своите европски колеги им ветил дека Србија ќе направи се што може до декември и следниот самит.

Нема да кажам дека ќе славиме, но мислам дека во декември ќе бидеме порасположени од денес“, изјави Вучиќ.

Албанскиот премиер Еди Рама изрази разочарување од односот на Унијата кон евроинтеграциите на регионот, наведувајќи дека не само Бугарија е проблем, туку и дека ЕУ е уморна од проширувањето.

Рама рече дека Северна Македонија чека 17 години да се отворат преговорите за членство во ЕУ, а Албанија осум години.

„Од една заедничка визија и заедница, ЕУ стана инструмент за поединечни членки да запрат нешто. Приказната со Бугарија е срамота. Едната земја наметнува нешто свое, а другите 26 не можат ништо да направат околу тоа“, изјави Рама.

Тој апелираше до лидерите на ЕУ да не ја убиваат вербата на Албанците во европската иднина, наведувајќи дека неговата земја ќе остане на европскиот пат со верба дека ќе стане дел од ЕУ.

Рама изрази и жалење што ЕУ сè уште не го либерализирала визниот режим за граѓаните на Косово.

„За време на диктатурата во Југославија, граѓаните на Косово можеа слободно да се движат. Откако беа ослободени, нивните ослободители ги држеа како заложници“, рече Рама.

Албанскиот премиер повтори дека ЕУ треба да има разбирање за Србија и дека не е добро да се бара од Белград да се приклучи на сите санкции што ги воведе кон Русија.

Рама рече дека „реалноста е сосема поинаква“ во Србија и дека на средбата со европските лидери „се обидел да објасни“ дека 80 отсто од српските граѓани го поддржуваат рускиот претседател Путин.

„Спротивно на сите очекувања, Србија три пати ги поддржа западните резолуции, па дури и гласаше за исфрлање на Русија од Советот за човекови права на ОН. Го разбирам барањето да побараме уште повеќе од Србија, но не гледам зошто би се достигнале тие граници. „Не е во позиција да ги прифати сите санкции против Русија толку брзо, а тоа може да доведе до контраефекти“, рече Рама. (С.К.)