Со големи проблеми поради заразени фудбалери со коронавирус се соочува германската фудбалска репрезентација спроти завршните два натпревара во квалификациите за СП2022 во Катар.

Германските медиуми објавија дека позитивен на коронавирус е дефанзивецот Никлас Шуле, а поради близок контакт со него изминатите денови, во изолација се уште тројца репрезентативци. Според медиумите, станува збор за Џамал Мусала, Карим-Давид Адејеми и Лирој Сане, чии тестови биле негативни.

Поради овие проблеми селекторот Ханс Флик го откажа последниот тренинг, а постои можност бројката на заразени во германскиот табор да е поголема.

Германија, која е во иста квалификациска група со македoнската репрезентација, веќе го обезбеди настапот на Мундијалот, а квалификациите ќе ги заврши со дуелите против Лихтенштајн на домашен терен и Ерменија во Ереван.