Министерот за здравство Венко Филипче потврди дека во тек на денот пристигнал лекот „Фавипиравир“ како итна и неповратна помош преку Амбасадата на Јапонија. Станува збор за антивирусна терапија во количини за 100 лица што може да помогне во лекувањето на пациенти со Ковид-19.

„Преку Амбасадата на Јапонија денеска го добивме лекот „Фавипиравир“. Добивме за 100 пациенти, а станува збор за антивирусна терапија која се користи за инфлуенцата и уште не е одобрен за Ковид-19, во тек се многу клинички испитувања, но досегашните искуства упатуваат на добри резултати во повеќе земји и за пациенти со Ковид-19“, рече Филипче и додаде дека за третман на пациент со „фавипиравир“ претходат испитувања и анализи.

Јапонската донација на лекот „Фавипиравир“ („Авиган“) за 100 лица во Македонија е дел од помошта за земји погодени со Ковид-19 и реализирана е во партнерство со УНОПС (Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации).

Ефективноста на „Фавипиравир“ сè уште не е потврдена, но многу земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија покажаа интерес за овој лек посочуваат од Амбасадата и додаваат дека Јапонија сака да го прошири клиничкото истражување за „Авиган“ заедно со Северна Македонија и со други земји. Од Амбасадата наведуваат и дека се претпоставува оти „Авиган“ има контраиндикации за деформации и затоа здравствените институции треба соодветно да го препишат и користат.