Европската унија не треба да прима нови членки додека интеграцијата не се продлабочи и не бидат спроведени реформи, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон.

Во говор во Европскиот парламент, Макрон нагласи дека „сака да бидат примени државите од Западен Балкан во европскиот проект, но дека времето за нивното членство се уште не е дојдено“.

– Ќе поддржам проширување само кога прво ќе има продлабочување на интеграцијата и реформи во нашата Европа, потенцира Макрон.

Тој додаде дека не сака Балканот да се сврти кон Русија или Турција, „но не сака ниту Европа која во услови на тешко функционирање со 28, а утре со 27 членки, да биде со 30 или 32 држави со истите правила“.

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека “по се изгледа постои европска граѓанска војна” меѓу либералната демократија и растечкиот авторитаризам.

Во неговиот говор пред Европскиот парламент во Стразбур тој ја повика ЕУ да ја обнови својата посветеност кон демократијата.

-Не сакам да припаѓам на една генерација што го заборави сопственото минато, рече тој, потсетувајќи како ЕУ се издигнала  по Втората светска војна.

Во својот говор тој го осуди она што тој го нарекува “фасцинација со нелибералите” во Европа.

Макрон, исто така, ги нападна евроскептиците кои беа движечка сила за гласањето за Брегзит во Велика Британија.

Одговор на авторитаризмот е авторитет на демократијата

Во годишниот говор , Макрон во Стразбур ја изложи својата визија за обнова на демократијата во ЕУ, во време на растечки национализам во блокот.

Исто така во ЕУ расте нервозата поради руското влијание врз европските гласачи, со многу примери на лажни вести што се шират преку социјалните медиуми – зад кои се вели дека стојат поддржувачи на рускиот претседател Владимир Путин.

Пратениците го поздравија Макрон кога тој рече дека демократијата “е збор со значење што произлезе од битките од минатото”.

Тој ги повика Европејците да го бранат својот модел на либерална демократија, во време кога се соочуваат со раст на автократски режими ширум светот и „нелиберални демократии“ внатре во Европската унија.

– Во соочувањето со авторитаризмот, одговор не е авторитарна демократија, туку авторитет на демократијата, рече Макрон обраќајќи им се на пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.

Макрон во исто време повика на поенергична кампања на изборите за Европскиот парламент, што ќе се одржат во мај 2019 година, во време кога Европската унија се соочува со предизвици поради излезот на Велика Британија од блокот и пораст на национализмот.

Тој оцени дека е важно да се има „демократска и критичка дебата“ за тоа што е Европа.

Макрон додаде дека граѓаните „сакаат нов проект“ за ЕУ, кој се занимава со нивните грижи и стравови во свет во кој, како што рече, сојузниците како САД вртат грб на договорите за мултилатерална трговија и климатски промени.

Францускиот претседател исто така ги повика Европејците итно да се договорат за планот за реформа на валутата на еврозоната и економската унија. Макрон додаде дека Франција е подготвена да го зголеми својот придонес во буџетот на ЕУ, под услов тој да стане поефикасен.

Макрон предложи и формирање на Фонд на ЕУ за поддршка на локалните заедници кои прифаќаат бегалци, како обид за надминување на бегалскиот проблем, кој важи за едно од политички најжешките прашања со кои се соочува Унијата.

– Предлагам создавање на Европска програма преку која директно финансиски ќе бидат поддржани локалните заедници кои прифаќаат и интегираат бегалци, изјави Макрон.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, по говорот на Макрон изјави дека „вистинската Франција се вратила“.

Јункер исто така ја пофали посветеноста на  Макрон за Европската унија.

– Сакам да ги изразам своите емоции и пријателство, кога слушам дека францускиот претседател се изразува на таков начин. Вистинската Франција се врати, рече Јункер пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур, по говорот на Макрон.

Лидерите од ЕУ и Западен Балкан ќе имаат самит на 17 мај во Софија за да се разгледа иднината на регионот.