Претседателот на Франција, Емануел Макрон го поздрави гласањето во бугарскиот Парламент за францускиот предлог и рече дека процесот продолжува, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Сакам да го поздравам гласањето во бугарскиот Парламент кој отвора пат за укинување на ветото и отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија и со тоа напредок на албанското досие“, рече Макрон попладнево на прес-конференцијата во Брисел.

Тој додаде дека по ова гласање во следните денови ќе продолжат размените на мислења со партнерите во Бугарија и Северна Македонија.

Македонија со три, Бугарија со четири црвени линии за конечен француски предлог. Црвени линии за македонската влада се јазикот, историските прашања и одредување кога да има уставни измени со кои Бугарите би влегле во Уставот. Со овие три прашања ќе се влијае да има надополнет француски предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции.

Бугарското Собрание, пак, усвои декларација со уште четири барања од Софија кон Скопје како услов за влез во ЕУ. Тие се ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.