Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Власта во една демократска држава, секаде и секогаш, го јаде подебелиот крај на пропагандниот стап. Опозицијата секогаш е во (барем) блага предност, бидејќи во секоја постапка на власта може да се најдат грешки и пропусти. Особено ако власта работи на јакнење на транспарентноста и капацитетите на институциите и се справува со корупцијата во сопствените редови (случаите Рашковски и Зекири), излегува дека против власта работи и опозицијата и – самата власт. Не постои кампања на прогресивни владејачки партии што може да има толкав ефект како популизмот и пропагандата на опозициските партии, особено ако тие се десничарски, а голем дел од општеството е радикализирано.

Интересни за опсервација во овој контекст се голем број држави, посебно на Балканот, Медитеранот и поранешните членки на Варшавскиот пакт. Mazedonische Zustände? Ух, тоа е секогаш уште покомплицирано.

Кампања за рехабилитација на криминалците

Кампањата што се води од првиот ден по предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 година, е насочена кон целосна рехабилитација на криминалците во политиката и поткопување на демократскиот курс на земјата.

Владата на СДСМ беше формирана на 1 јуни 2017 година, по интензивна ултранационалистичка кампања на ВМРО-ДПМНЕ и најрадикалните политички групи во земјава. Кампањата се состоеше од насилни протести кои кулминираа со терор во Собранието на 27 април 2017 година. По теророт следеше блокада од тогашниот претседател-узурпатор Ѓорге Иванов, кој не го даваше мандатот на очигледниот победник во секоја смисла на зборот, Зоран Заев. Дента кога беше прогласен првиот состав на владата на Зоран Заев, таа влада беше веќе со значително нарушен имиџ. Чудна беше млаката реакција на голем дел од медиумите уште тогаш. Владата се формира половина година по изборите!

Лажниот баланс на великите уредници и медиумски газди

Протагонистите на режимот кои во првите денови беа скриени во глувчешки дупки, набрзо по кратката тишина, наидоа на бришан медиумски простор и успешно го зграпчија. Великите уредници и медиумски газди ги рехабилитираа довчерашните фактори на деспотскиот режим и воведоа „баланс“ во своите програми. Со тој „баланс“ денес, се чини, антизападните националисти и радикали имаат апсолутна предност во јавните комуникации и медиумскиот простор.

Некои велат дека за оваа ситуација делумно е „виновен“ токму Заев, затоа што брзоплето вети, а уште побрзоплето го исполни ветувањето со укинување на „владините“ реклами“. (Има разлика меѓу злоупотребата на јавните пари за политички цели и кампањите од јавен интерес. Во тој период сè беше ставено во ист кош – и жестоката злоупотреба и медиумска корупција од времето на груевизмот и потребата од кампањи за заштита на јавниот интерес.)

Десантот за уривање на Заев

Како и да е, останува оценката дека медиумите отсекогаш биле под делумна или целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа стана најочигледно во пресрет на решението на спорот со името, Преспанскиот договор и референдумот во 2018 година. Тогаш започнува „десантот“ за уривање на Зоран Заев, а како што тогаш анализира ИФИМЕС, повеќе од 160 интернет портали беа дел од „пропагандната фаланга“ во кои влегуваат и ТВ станици со национална концесија, трол фабрики и други млинови за мелење мозок.

Наративите на пропагандата – „Сите се исти“

Сите беа уморни, а многумина и престрашени од насилството на ВМРО-ДПМНЕ во кое видоа силна закана со која изгледаше дека СДСМ и мирољубивиот обединител Заев не сакаа или не знаеја да се справат. Всушност, јавноста беше таргетирана со пет едноставни наративи:

  1. ВМРО и Груевски се лоши, но СДСМ е неспособно да се справи со нив;
  2. ВМРО и Груевски се (можеби) лоши, но барем знаеја да ги држат Албанците под контрола;
  3. ВМРО и Груевски (можеби) крадат, ама и градат;
  4. ВМРО и Груевски се (можеби) лоши, но барем знаат да воведат ред и дисциплина, а овие „нашиве“ се неорганизирани и недисциплинирани;
  5. Сите се исти.

Тој наратив, „сите се исти“ – некако волшебно – секогаш одеше во прилог на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, а никогаш во прилог на СДСМ. Поточно, тоа беше најлесниот начин да се дискредитира Зоран Заев, а подоцна и целата власт на СДСМ. Тој наратив го следи и сегашниот премиер Димитар Ковачевски.

Оската Москва-Будимпешта-Белград-Скопје

Кон листата на „неспособности“ на СДСМ беше додадена и „неказнивоста“ на ДУИ, односно наративот „си чул ли ти дека функционер на ДУИ отишол во затвор“? И, секако, тоа повторно се крши врз грбот на СДСМ. Но за овој пропаганден наратив поопширно во некоја наредна прилика.

Сето тоа, но и многу повеќе пропагандни и коруптивни „мирудии“ патуваа по оската Москва-Будимпешта-Белград-Скопје непрекинато и непречено.

Лесно е да се торпедира власта 

Затоа, во миговите кога се носеа големи одлуки што се пресудни за стратешките интереси на државата, лесно беше и сè уште е – да се торпедира власта. Со помош на „неутралните“ медиуми и невладини организации кои со пари од Запад удираат по Запад, се намали (практично, се поништи) значењето на одлуките поврзани со НАТО, Преспанскиот договор, ЕУ… И се претставија (најмалку) како предавство на македонскиот идентитет.

Партии формирани од крими-полициското подземје

Јавноста беше обработувана внимателно и систематски уште од првите денови на граѓанскиот отпор, а особено интензивно од 2013 година. Цели партии беа формирани со помош на крими-полициското подземје. Од нив, најуспешна излезе Левица која, пак, произлезе од неколку квази левичарски невладини организации.

Од еден мал грст глупави и алчни, радикално десни фашистчиња, кои своевремено се продаваа за левичарчиња, ултра десничарската „Левица“ порасна во  структура која на предвремените избори во 2020 година доби двајца пратеници, партиското шефче, Апасиев, и неговиот лајтнант, Крмов.

Руските матрјошки

Да не се заборави. Тоа се истите руски матрјошки што среде македонскиот парламент го примија амбасадорот на Русија на прагот на руската злосторничка агресија против Украина и сиот слободен свет. И дадоа отворена поддршка за „специјалната операција“ на Путин.

Долгата игра на криминалците и радикалите во политиката

До формирањето на првата демократска влада по падот на режимот на Груевски (со тенко парламентарно мнозинство од прилично шаренолика и лабава коалиција) теренот беше веќе добро подготвен за долгата игра на криминалците и радикалите во политиката. Тие имаа директна поддршка од Кремљ и од центри на моќта во неколу балкански и европски држави, во прв ред Србија и Унгарија, но и од политички играчи во Словенија, Италија, Бугарија и други.

Пет и пол години подоцна, наспроти сè: НАТО, решени спорови, започнати преговори со ЕУ…

Пет и пол години подоцна, Северна Македонија е членка на НАТО, ги реши сите спорови со соседите и ги започна преговорите за членство во ЕУ. Наспроти сè! Наспроти сите блокади, пропаганда и насилства од опозицијата, жестока руска пропаганда и хибридни напади, ковид пандемија и рамноземјашки и антиваксерски (вмровски) кампањи – македонската држава не пропадна, режимот не се врати, ЕУ ги отвори портите…

Но сите важни одлуки и успешно завршени процеси, завршуваа со намалување на рејтингот на демократската власт. Значи, оваа приказна не е завршена. Ни оддалеку. Допрва почнува. А за тоа, во следните (тревожни) епизоди за Mazedonische Zustände.


Извор: ЦивилМедиа | Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.