Машката кошаркарска репрезентација на Македонија стигна до прагот на главната фаза квалификации за Европското првенство во 2021 година. Попладнево во Гевгелија, националниот тим го порази Косово со 78:68 (по четвртини: 29:16, 10:19, 22:12, 17:21) за успешната резултатска низа во групата во која има три победи во исто толку одиграни натпревари.

Најефикасен во ростерот на Јорданчо Давитков беше Бојан Трајковски со 23 поени, Шејн Витингтон уфрли 15, а двоцифрени беа и браќата Стојановски – Војдан учествуваше со 14 коша, Дамјан со 10. Свој придонес во триумфот имаа и Стојан Ѓуроски кој реализира седум поени, еден повеќе од Андреј Магдевски додека Марко Симоновски запиша тројка.

До крајот на оваа фаза во кампањата за ЕП 2021 на Македонија ѝ преостанува уште гостување во Романија во февруари догодина.