Не постои една причина за изборниот резултат. Во многу општини имавме независни кандидати кои што беа наши актуелни градоначалници. Слободата што ја имаме внатре во партијата и дискусијата и дебатата треба да бидат силни вредности кои што посакувам да ги има во секоја политичка партија, рече генералниот секретар на СДСМ и вицепремиер за борба против корупција, Љупчо Николовски во „21 анализа” на ТВ 21.

Централниот штаб не носи политички одлуки. Тоа ги носат органите и сите што сме во рамки на органите кои што ги носеле одлуките. Носиме одговорност за она што е изборен резултат и за причините кои довеле до тој изборен резултат и затоа кажав ќе ги дискутираме кога ќе ја заокружиме оваа цел, кога ќе оствариме целта на стабилно демократско европско парламентарно мнозинство, додаде тој.

Според него, СДСМ и сите прогресивни сили се фокусирани на примарната цел демократски во моментов да се обедени и окрупни мнозинството во македонското Собрание, кои што треба да го гарантираат евроатлански пат, сигурноста, безбедноста, стабилноста и напредокот на земјата.

„Не е важна ниту функцијата, ниту кариерата. Нормално ако претседателот Зоран Заев поднесува оставка, целото раководство е во оставка и тоа е најмалиот проблем. Ниту една позиција не е важна, најважно во моментот е демократското мнозинство во парламентот што не треба да нè vрати назад во времето на страв, на изолации, на поделби, на конфликти, на реваншизам и се тоа против што сме се бореле“, додаде тој.