Македонскиот таеквондистот Дејан Георгиевски се пласира во финалето на Олимпијадата во Токио. По четвртфиналната победа над Гбане од Брегот на Слоновата Коска, тој претпладнево го елиминира и Јужнокореецот Кјо Дон Ин со 12:6 во полуфиналето во категоријата над 80 килограми.

За првпат во настапите на турнирот во Токио, Георгиевски беше во негатива по првата рунда (0:1), но следуваа две добри минути за македонскиот репрезентативец за пресврт и водство со 5:3 по втората рунда. Последните две минути минаа во доминација на македонскиот таеквондист за сигурен и заслужен пласман во финалето.

По две децении македонскиот спорт доаѓа до медал на Олимписките игри.

Противник на Георгиевски во борбата за златото ќе биде Русинот, Владислав Ларин. Финалето е закажано за 14:45 часот по македонско време.