Американската полиција го уапси човекот кој утрово со автомобил влета во група луѓе пред еден ноќен клуб во Њујорк, при што загинаа една жена, а три други лица беа повредени.

Како што соопшти полицијата, станува збор за 23-годишен маж, чиј идентитет не е соопштен, против кого засега не е покренато никакво обвинение.

На инцидентот му претходела расправија на мажот поради место за паркирање, при што тој со нож прободел две лица. По ова, тој влегол во својот автомобил и со него удрил во група пешаци. Засега не е познато дали лицата во кои удрил биле вмешани во расправијата околу паркинг просторот.

Инцидентот се случил околу 4.30 часот по локално време (10.30 часот по средноевропско време) пред ноќен клуб во њујоршки Квинс.

Полицијата уште претходно соопшти дека инцидентот не е поврзан со тероризам.