Не два милиона евра, колку што првично објави директорката на Управата за Јавни Приходи (УЈП), Сања Лукаревска, туку станува збор за 10 милиони евра што работодавачите ги задржале од државната финансиска поддршка што беше наменета за исплата на плати (14.500 денари) на работниците, објави ТВ Телма повикувајќи се на извори од Владата. Меѓу над 4.500 компании има и медиум, а од Илинденска и порака дека ќе се обратат до Обвинителството и ќе побараат кривична одговорност за одговорните лица во фирмите.

„Ги чекаме податоците од УЈП по што јавно ќе ги објавиме имињата на компаниите кои не ги исплатиле платите на работниците кои ги добија од државата. Од Обвинителството ќе побараме да се покрене постапка за утврдување на кривична одговорност против одговорните лица во компаниите“, изјавил за Телма, Драги Рашковски, генерален сектетар во Владата.

Со слично барање вчера излезе и претседателот на Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски. Во јавноста, во медиумите и на социјалните мрежи почнаа да кружат гласини дека дел од фирмите од вчера почнале со исплата за задршките кон работниците, но барањата на синдикалните организации за остро санкционирање на прекршителите остануваат.