ЖРК Вардар и Будуќност ќе играат во финалето на регионалната ракометна лига (ВРХЛ) што и за едните и за другите ќе претставува генерална проба пред настапите на Фајналфор турнирот во Лигата на шампиони во Будимпешта.

Црвено-црните во полуфиналето на турнирот во Скопје ја совладаа Подравка со 29:16 (полувреме 14:9). Најефикасна вардарка беше Александра Лакрабер со седум погодоци, Јованка Радичевиќ постигна еден помалку во дуелот што беше рутински за македонскиот првак. По три гола за хрватската екипа запишаа Мариета Видак и Дора Крсник.

Будуќност во второто полуфинале што заврши пред малку во СЦ „Јане Сандански“ го порази Крим со 31:23 (полувреме 17:12). Прв стрелец во натпреварот беше Неагу со седум гола, по пет за словенечкиот состав Тамара Георгиев и Полона Барич.

Финалето за ВРХЛ ќе се одигра утре попладне со почеток во 18 часот. Претходно од 15.30 е закажан мечот за третото место.

Женска регионална ракометна лига

Полуфинале

ЖРК Вардар – Подравка 29:16

Будуќност – Крим 31:23