Германската полиција соопшти дека пресретнала над 50 десничарски екстремисти со солзавец, бајонети, мачети и палки кои сакале да патролираат долж полската граница за да спречат влез на мигранти во земјата.

Екстремистите го следеле повикот на „Третиот пат“, екстремно десничарска партија за која постои сомневање дека е поврзана со неонацистички групи, за запирање на илегалните преминувања кај градот Губен во близина на германско-полската граница.
Полицијата им го заплени оружјето и ги принуди да ја напуштат областа Губен, изјави портпаролот на локалната полиција. 

Некои од лицата се одзваа на повикот и од други делови на Германија. Десетици луѓе, пак, се собраа во саботата во Губен за да се спротивстават на планираните десничарски патроли.

Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер изјави дека Германија распореди дополнителни 800 полицајци на полската граница за да го контролира протокот на мигранти кои се обидуваат да влезат во ЕУ од Белорусија.