Додека државата, сите институции и граѓани се борат со здравствените и економски последици од коронавирусот, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ мора да ги напуштат теснопартиските интереси и да се стават во функција на справување со кризата,се апелира во соопштението на СДСМ.

„Наместо политиканство и гол популизам, наместо паушални изјави, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да дадат реален придонес во борбата против коронавирусот и мерките за заздравување на економијата. Сега е време за одговорност и за солидарност, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да излезат и јавно и јасно да се откажат од парите од Буџетот што и следуваат на опозициската партија, а парите да се искористат за помош во справувањето со негативните импликации врз економијата“, стои во дописот на владеачката партија.

Во спротивно, велат од СДСМ, само ќе се потврди лицемерието на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, едно да зборуваат а сосем друго да прават.

„Без разлика на ова несериозно и незрело однесување на Мицкоски, СДСМ продолжува одговорно да се однесува, во интерес на граѓаните, на нивна заштита и справување со економските последици“, истакнуваат од СДСМ

„СДСМ останува на страна на граѓаните и на државата, на страна на јавното здравје, на страна на економијата. Покажавме дека можеме да се справуваме со предизвиците, ќе покажеме дека можеме да се справиме и со овој здравствен и економски предизвик“, порачуваат од владеачката партија.