Јапонскиот премиер Шинзо Абе е првиот странски лидер со кој новоизбраниот претседател на Америка, Доналд Трамп ќе оствари средба, пишуваат странските медиуми. Пред да замине за САД, јапонскиот премиер изјавил дека сака да изгради доверба со Трамп.

Оваа средба во Њујорк, се случува по несигурноста околу надворешната политика на Америка во однос на изјавите на Трамп, кој од одредени земји-сојузници, меѓу кои и Јапонија, побара да му се плати на Вашингтон за ангажманот во другите земји.

Во своите изјави, Трамп исто така го осуди и трговскиот договор потпишан помеѓу претседателот Обама, Јапонија и останатите земји од Пацификот.

Њујорк е само пропратна станица за Абе кој патува на самит за трговија во Перу.

САД и Јапонија имаат клучно сојузништво во глобални рамки по завршетокот на Втората светска војна кога Америка му помогна на Токио да ја обнови економијата.