Иако Груевски до ден денес не признава дека со Ахмети склучиле некаков договор за коалиција, од 2007 до денес ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се партнери во Владата. А по предвремените парламентарни избори на 11 декември, тие се во преговори по четврти пат да направат коалиција. Формален договор никогаш не и беше достапен на јавноста, ниту пак дојде до негово формално потпишување.

Пет дена до формирањето на новата Влада, ДУИ продолжува да тактизира со одлуката кому ќе му се приклони за формирање парламентарно мнозинство, а еден од аргументите што се користи во оваа битка е т.н. Мајски договор од 2007 година, кој според ДУИ предвидува победниците во македонскиот и во албанскиот политички кампус да ја формираат новата влада.

Мајскиот договор го „верификуваа“ лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, а во разговорите учествуваа претставници од ЕУ и САД за да помогнат да се врати политичкиот дијалог во Собранието.

Дипломатите со кои се консултиравме, а кои се запознаени со овој договор, велат дека поентата со договорот од 29 мај било враќањето на ДУИ во Собранието и поттикнување на дискусија меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за прашањата кои беа пречка во враќањето на политичкиот дијалог во Собранието и за тоа како да се формираат идните влади.

Амбасадорката Џилијан Миловановиќ во интервју за „Дневник“ во 2007 година вели дека договорот има три точки кои биле договорени да се спроведат и две точки за кои требало дополнително да се разговара. Формирањето влада било само дискусија.

Што е и што предвидува Мајскиот договор

Иако Груевски до ден денес не признава дека со Ахмети склучиле некаков договор за коалиција, од 2007 до денес ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се партнери во Владата. А по предвремените парламентарни избори на 11 декември, тие се во преговори по четврти пат да направат коалиција. Формален договор никогаш не и беше достапен на јавноста, ниту пак дојде до негово формално потпишување.

Во одговор на пратеничко прашање, во Собранието во 2007 година, кое му го постави тогашната претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска, Груевски за Мајскиот договор вели „Тоа не е договор, тоа е некаков записник“.

ВИДЕОТО ГО ОБЈАВИ ЕМИСИЈАТА „360 степени“

Проблемот започна кога ВМРО-ДПМНЕ по изборите во 2006 направи влада со ДПА иако ДУИ имаше освоено повеќе гласови.

До 2006 година непишано правило беше влада да формираат победниците во двата етнички кампуси во РМ, т.е. победничката македонска и победничката албанска партија. Но, сепак, во 2006 година владата се формираше од победникот во македонскиот етнички кампус, ВМРО-ДПМНЕ, помалиот коалициски партнер исто така од македонскиот политички блок – НСДП, но и од партијата која на парламентарните избори кај етничките Албанци не освои најмногу пратенички места – ДПА.

На 26 јануари 2007 година, пратениците на ДУИ го напуштија Собранието на РМ во знак на револт поради легислативата која беше изгласана со Бадентеровиот принцип, а ја изгласаа пратениците на ДПА и помалите етнички групи.

ДУИ веднаш побара преговори на „меѓуетничко“ ниво со Владата, како предуслов за нивно враќање во Собранието.

Ова подразбираше донесување на листа на закони кои би се гласале со Бадинтерово мнозинство, но и закон за припадниците на ОНА со кој би добиле еднакви права со безбедносните сили на РМ со кои тие се судрија во 2001 година, кои се заокружија со Мајскиот договор.

Инаку за време на разговорите за Мајскиот договор, дипломатите кои учествувале во разговорите, за формирање влада, сугерираа и решенија како што имало во Италија, кога помали партии формирале влада, а најголемата (според освоени гласови) не успеала да формира влада.

Дипломатите тогаш брифираа дека Мајскиот договор не е за да се договори начинот на кој ќе се формира влада, туку за да се врати дијалогот во Собранието.
Како дојде до Мајскиот договор.

По враќањето на ДУИ во парламентот, партиите се договорија дека ќе продолжат да дискутираат за методот по кој ќе се формира влада, но јасно било дека Мајскиот договор не го претставувал начинот на кој ќе се формира владата, туку договор дека ќе продолжат разговорите меѓу партиите.

По изборите во 2006 година, ДУИ тврделе дека според Охридскиот рамковен договор, албанската партија со најмногу освоени гласови треба да биде дел од владата, но ниту САД, ниту ЕУ, кои биле вклучени во разговорите не се согласиле со тоа. Иако и САД и ЕУ биле за мултиетнички решенија.

Арифи и Османи со различни толкувања за примената на Мајскиот договор

Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи и портпаролот на партијата, Бујар Османи деновиве покажаа различни толкувања за тоа дали во оваа ситуација е применлив Мајскиот договор.  Арифи, во интервју за емисијата 360 степени рече дека по овие избори не може да се примени Мајскиот договор од 2007 година, според кој, владата ја сочинуваат партиите-победнички во двата етнички кампуса.

„Ние мислиме дека Мајскиот договор е коректен договор зад кој сме стоеле, ние сме го инсталирале, но во исто време непобитен факт е дека по овие избори ДУИ фактички не е единствениот претставник и не е претставник на волјата на албанското мнозинство. Затоа би било неправедно ако би направила некаква комбинација во име на волјата на албанското мнозинство со оглед на тоа дека има 10 мандати, но не претставува силна волја или мнозинство од над 51% на албанските гласачи“, рече Теута Арифи.

Османи, пак во интервју за Гласот на Америка уште еднаш го реафирмираше принципот победник со победник. Тој вели дека во Македонија се врши притисок за непочитување на принципот според кој „победникот кај албанската заедница го избира партнерот победник кај македонската заедница“.

„Мислам дека тоа што доминира на сцената е почитување на потпишаните договори. Македонија во минатото постоела како таква само почитувајќи ги меѓународните договори. Еден од нив е Мајскиот договор од 2008 година, во кој се вели дека победникот кај албанската заедница го избира партнерот победник кај македонската заедница. Почитувањето на овој принцип е многу важно – за да се зачува важноста што ја има албанската заедница и за да се зачува логиката што ја имаат изборите кај самите Албанци“, изјави Османи.