kamcev 1 photo

Актуелната афера со размената на земја каде што јавното претпријатие во сопственост на Градот Скопје, Комунална хигиена одлучи на компанијата „ Унијатарс стил импекс“ во сопственост на Славе Распашковски да и даде деловни простории во строгиот центар на Скопје, да доплати речиси 4 милиони евра, а за возврат да добие простории во поренешна зграда на фабриката „Санос“, односно просторот на „ФАС 11 октромври“.

Распашковски ќе седи среде Центар, а Комунална Хигиена  ќе оди во распаднатата хала од поранешната фабрика за автобуси „Санос“. Ако се погледнат просториите, тешко дека тие би можеле  да бидат вселиви за нечија админситрација. Во јавноста се постави прашањето: има ли логика оваа зделка? За директорот на „Комунална хигиена“, Ракип Дочи, ова било зделката на векот, за опозицијата се е матно и не ги штити интересите на граѓаните. НОВА направи обиколка низ јавните документи во потрага по објаснување за интересите на градското претпријатие и неговите први луѓе во оваа зделка. До одговори тешко се доаѓа, но во продолжение ви ги претставуваме сите случувања кои и претходена на оваа зделка.

Како се продава земјата – сомнителни лицитации 

Во соседството на Славе Распашковски и Комунална хигиена е и фирмата „Комплекс Александрија ДООЕЛ“, поранешна ИСКРА ММ. Земјатата на ФАС 11 октромври и имотот околу халата на САНОС за која што се уште нема информации кога и под кои услови е трансформирана од државна во приватна , се и најголемото парче од просторот на поранешно ФАС 11 октомври. По приватизацијата на ФАС 11 октомври,  во 2003 година фабриката ја презема Распашковски, односно неговата компанија „Санос“. Требаше да прави автобуси, а за таа цел подигнува и кредит од Стопанска банка Битола во износ од 5,2 милиони евра.

Во септември 2010 Стопанска банка Битола ја активира хипотеката врз фабриката. Според пишувањата во дневните весници во тоа време, осамнува чуден оглас во којшто се огласува лицитација на земјата во износ од 50,652 квадрати од имотот на поранешно ФАС 11 октомври.

„ Купувачот на објектите што ќе се лицитираат во понеделник, ќе се стекне и со можност по трансформацијата на градежното урбанизирано земјиште и пребивањето на износот за комунално уредување на постоечките објекти, крајната сума за плацот со целосната инфраструктура да го чини нешто под 100 евра по квадратен метар. Непосредната близина до центарот на Скопје (1,5 километри), поставеноста по должината на левата страна на реката Вардар, големината на парцелата, како и можноста на неа да бидат изградени најразлични интересни содржини ја прават оваа парцела една од најпримамливите за инвестирање – стои во информативниот оглас објавен во весникот објавен во третата недела од септември 2010 година.

Со огласот не стоело ниту кој лицитира, ниту каде ќе се одржи истата, ниту, пак, времето кога ќе биде одржана лицитација. Стопанска банка Битола како доверител е најлогичниот огласувач, но тој останува непотпишан.

Во тоа време дури и општина Гази Баба на новинарски прашања од страна на весникот „Вечер“ одговорила дека и тие не знаеле кој лицитира, се што знаеле е дека на местото на ФАС според деталниот урбанистички план „Ќерамидница 1“ ќе се градат станбени комплекси и големи трговски единици.  Интересно е како доверителот знаел толку информации за можностите за пребивање на комуналии, кога единствени кои тоа можат да го овозможат се општинските власти.

„Искра ММ“ на оваа лицитација и се стекнува со имот од полуразурнати хали, но со светли перспективи за градежни зафати кои ќе донесат големи профити. За имотот од десетици илјади квадрати плаќа 3,7 милиони евра.  Но, случајот завршува на суд. Компанијата „Амадеус Груп“ како доверилте се обраќа пред Републичкиот судски совет и бара поништување на продажбата тврдејќи дека истата е нелегална.  „Амадеус Груп“ водеше жестоки битки во јавноста, но не го доби спорот. Подоцна компанијата го доби тендерот со Шпанските скали на плоштадот во Скопје, зделка којашто извори за НОВАТВ ја коментираат како замолчување и своевидно обештетување на „Амадеус Груп“ за битките околу имотот на „Санос“.

„Искра ММ“ се прослави и во случајот „Космос“ кога на бизнисменот Фијат Цановски му беше срушен деловниот објект бидејќи отстапувал од решнието за градба. За рушењето на овој објект бизнисменот Цановски пред парламентарната надзорна комисија рече дека било последица на амбициите на луѓе блиски до власта да градат друг станбен комплекс во негова близина, а тие не трпеле конкуренција.

„Им навлегов во бизнис-интересите на фирмите блиски до власта бидејќи во „Космос“ се продаваше квадрат по 800 евра, а овие компании веќе имаат купено земјиште во близината и тешко дека можеа да ја постигнат оваа цена. Директен конкурент сум им, зашто имам сопствена градежна фирма со која можам да изведувам поевтини станови“, објасни Цаноски за време на надзорната комисија при крајот на 2011.

Како последица на прислушуваните разговори, Специјалното јавно обвинителство покрена случај за рушењето на „Космос“ наречен „ТНТ“. Обвинителката Фатиме Фетаи објасни дека преку спрегата Влада – Општина Гази Баба, експремиерот Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески го поттикнале градоначалникот Тони Трајковски да најде начин да го урне „Космос“ и со тоа ја злоупотребиле функцијата.

Кумови, кумашини и пријатели 

Искра ММ подоцна го менува името во Комплекс Александрија, но го менува и сопственикот.  До 2012 година сопственик на „Искра ММ“ беше фирмата „Базики лимитед“ од Белизе, која се наоѓа на истата адреса каде е лоцирано и седиштето на провладиниот портал „Република“.

Потоа се менува  и сопственикот – Земојделскиот комбинат ЗК Пелагонија АД ја презема Комплекс Александрија.

Како членови на неизвршниот одбор на директори во ЗК Пелагонија се јавуваат бизнисменот Орце Камчев, чиј што кум е првиот братучед на премиерот Никола Груевски, сега екс директор на ДБК, Сашо Мијалков, заедно со директорот на оф-шор компанијата „Ексико“ – Тодор Мирчевски, како и бизнисменот Цветан Панделески, татко на Дејан Панделески, кумашинот на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Мистериозниот партнер „Ексико“

Јордан Камчев годинава во рангирањето на магазинот „Форбс“ беше прогласен за најбогатиот Македонец. Неговиот имот драстично се зголеми по доаѓањето на новата власт во 2006 година, актуелната ВМРО ДПМНЕ. Тој преку Орка Холдинг поседува хотели, градежни компании, млекарници, мелници, земјоделски комбинати, текстилни фабрики, ресторани, болници. Некои од овие компании добиваат тендери вредни десетици и десетици милиони евра. А во многу од овие компании тој често настапува заедно со мистериозна офшор компанија од Лугано, Швајцарија која индиректно може да се поврзе и со неговиот пријател Сашо Мијалков. Зделките на овие фирми често се поврзуваат со злоупотреба на моќ, трговија со влијание и корупција. А секаде каде што е Камчев, таму е „Ексико“, компанијата со непознат сопственик.

kamcev mijalkov 2
Сашо Мијалков(лево) и Јордан Камчев(десно)

Во март 2014, опозициската партија СДСМ ги обвини премиерот Никола Груевски и неговиот братучед и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков дека имаат удел во фирмата Ексико, офшор компанија инкорпорирана во Лугано во Швајцарија, како и дека ја „држат во заложништво целата економија во Македонија“.

Ексико и Орка Холдинг се појавуваат заедно во бројни државни зделки или пак купуваат акции во истите компании. Двете компании имаат значајна добивка од владините тендери и владино спонзорираните зделки.

На пример, Ексико и Орка Холдинг заедно го поседуваат ЕК-ОР, кој преку серија на трансакции кои инволвираат офшор компании, купи парцела на главниот плоштад во Скопје. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ преку општина Центар овозможи промената на урбанистичките планови за да започне со градба осумкатниот хотел ИБИС.

Ексико е сопственост на T&MJ investments Ltd. Во минатото оваа фирма беше менаџирана, помеѓу другите, и од двајцата номинирани директори Емилио Бинда и Капрани Умберто. Истите луѓе се појавуваат како директори на фирмата од Панама, Тасига Корп, која од Мијалков ја купи неговата компанија Миртланис СРО регистрирана во Прага, Чешка. Емилио Бинда, едновремено беше и неизвршен член на управниот одбор во фирмата која денеска е познатта како КАРА АД, во сопственост на Орка Холдинг и семејството Камчеви.

Миртланис СРО, основана во март 2014, поседува плац од 15,280 метри квадратни во скапата област на Прага наречена Велеславин. Подоцна Мијалков ја префрли сопственоста на Тасига Корп. Во исто време, тој беше шеф на тајната полиција и беше обврзан да го пријави сопствеништвото во Анти-корупциската комисија. Тој тврдеше дека не го пријавил, бидејќи вредноста била премногу мала. Исто така тој ја префрли вредната земја на свое име.

Долгогодишниот директор на фирмите на Мијалков, Горан Гацов, остана директор и откако заврши трансферот на сопственоста.

Ексико и ОРКА исто така поседуваат заедно плац од 4,514 метри квадратни во ексклузивната населба Водно, само два километри од центарот на Скопје, дом на дипломати и многу богати луѓе. Плацот беше дел од контроверзниот скандал со прислушкување.

Во февруари 2015,  стотици прислушкувани снимки од наводни разговори од разни  функционери, вклучувајќи го и премиерот Никола Груевски и некои од неговите министри, беа објавени од Зоран Заев, лидерот на главната опозициска партија, СДСМ, која тврдеше дека ги добила од „свиркачи“ во тајната македонска полиција. Снимките вклучуваат повеќе од половина милион разговори, кои се одвиваат од 2007 до 2013 година.

Во една од снимките која го вклучува гласот на Груевски и тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, се дискутира како илегално да се обезбеди легална градба на земјиште кое треба да се пренамени како градежно. Опозицијата тогаш објави документи кои потврдуваат дека 17,000 метри квадратни земја на елитното Водно е купена како лозје од фирма од Белизе чиј директор е кумот на Груевски (11,500м2), како и компаниите Ексико и Кара АД.

Од промената се офајдија не само Ексико и Орка Холдинг, туку и Ристо Новачевски, добар пријател на Груевски и државен службеник. Подоцна, овие две фирми ја купија „Сирах Инжинеринг“, формирана на Белизе чиј директор беше кумот Ристо Новачевски, па земјата прејде во нивна сопственост.

Орка Холдинг и Ексико заедно поседуваат акции во градежната компанија, Бетон-Штип, млекарата Здравје-Радово, земјоделските компании Жито Полог, Пелагонија ЗК Скопје АД Петровец.

Бетон-Штип доби седум тендери кои вредат 55 милиони евра како дел од огромниот контроверзен проект „Скопје 2014“. Земјоделскиот комбинат ЗИК Пелагонија доби 6.5 милиони евра во државни субвенции во последните четири години откако станаа акционери.

Ексико и Орка Холдинг исто така поседуваат 50 проценти од компанијата Масив Констракшн. Тие поседуваат 3,528 метри квадратни во општината Аеродром.

Плацот не е наменет за градежни цели, но пред неколку недели општината објави нов урбанистички план кој ќе го промени плацот во градежен, со можност за изградба на зграда од десет ката, по што протестираа дел од жителите на оваа населба. Во моментот, земјата е парк и тие велат дека сакаат да го зачуваат зеленилото, наместо да биде претворено во згради, спротивно на сите урбанистички планов

Чиј сон ќе се реализира прв: вековниот на Комунална да си биле во иста зграда или оној на триото бизнисмени миленичиња на власта?

Извори на НОВАТВ велат дека изградбата се одолговекувала затоа што инвеститорите чекале на подобра инфраструктура од властите. Постои план Градот Скопје да пробие нов пат којшто ќе води од Центар покрај Ќерамидница директно до хотелот „Русија“ во сопственост на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, близок соработник на Камчев и „Ексико“. Овој пат кој би бил инвестиција на Град Скопје ќе го скрати патувањето од Центар до Аеродром, а на инвеститорите дефинитивно ќе им овозможи далеку поголема атрактивност на локација и инвестицијата отколку кога тоа би се правело сега, во вакви услови и без пат.