Шкендија продолжува да ја брани честа на македонските претставници во квалификациите за фудалската Лига Европа на УЕФА. Тетовци успеаја да останат непоразени (1:1) на гостувањето во Хелсинки и благодарение на победата со 3:1 во првиот меч во Струмица се пласираа во третото коло во кое ќе играат со подобриот од двомечот меѓу Норчепинг и Тракаи.

„Црвено-црните“ одлично се снајдоа на вештачката подлога на „Сонера“ и одолеаја на предизвикот. Не загубија глава ниту по автолот на Марјан Радески во 28 минута туку останаа фокусирани и доследни за реализација на мисијата по која отпатуваа на северот на континентот.

Трпеливоста на македонскиот вицешампион даде ефект во 71 минута. Челиковиќ погоди за израмнување и целосно префрлување на притисокот на страна на финскиот клуб чии, пак, фудбалери до крајот не успеаја да ја вратат неизвесноста, а тетовци рутински го доработија отпочнатото и заслужено си обезбедија уште најмалку два настапа на европската фудбалска сцена ова лето.

Хелсинки – Шкендија 1:1 (1:0) – вкупен резултат 2:4

Стадион: „Сонера“ во Хелсинки. Гледачи: 6.000. Гл. судија: Гунар Јарл Јонсон. Асистенти: Биркир Сигурдарсон и Андри Вигфусон (сите тројца од Исланд). Ж. картони: Јаласто, Оново (Хелсинки); Захов (Шкендија). Стрелци: Радески (автогол) 28′ за Хелсинки; Челиковиќ 71′ за Шкендија.

Хелсинки (формација: 4-3-3): Дане – Пиринен, Обилор, Јаласто, Рафиња – Анан, Јахуби (Далстрем 79′), Оново – Пелвас (Менсах 73′), Саваж, Јалоу (Валенчиќ 64′). Тренер: Мика Лекосуо.

Шкендија (формација: 4-2-3-1): Захов – Челиковиќ, Цуцули, Бејтулаи, Тодоровски – Вујчиќ (Бојку 79′), Алими – Абдурахими (Тотре 66′), Радески, Хасани – Б. Ибраими. Тренер: Ќатип Османи