Цели две недели пожарникарите во Калифорнија се борат со пожарот “Томас” кој во саботата стаса до Санта Барбара и малиот град Монтечито во кој живеат повеќе милијардери.

Мобилизирани се 8,500 пожарникари и 34 хеликоптери но ветерот и сувата почва продолжуваат да го разгоруваат огнот.

Гувернерот на Калифорнија, Џери Браун, рече дека пожарот кој ја погоди неговата држава треба да биде предупредување за сите оние кои не веруваат во климатските промени.

“Овие пожари ќе се зачестат. Тоа ни го вели науката и тоа е важно да се знае. Со малку среќа, ова ќе ги разбуди сите оние кои денес се прават безгрижни”, им порача тој на климатоскептиците во САД што ги предводи самиот претседател Трамп.

“Томас” изгоре 180.000 хектари и уништи над 1.000 градби и досега чини 110 милиони долари.

Ова е еден од трите најголеми пожари во историјата на Калифорнија, а во него изгореа повеќе од 700 куќи, а загинаа еден пожарникар и една 70 годишна жена што се обидуваше да избега од пламените јазици по сообраќајна несреќа. Од 4 декември па досега евакуирани се околу 95.000 лица.