Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган рече дека Шведска не треба да очекува да биде одобрена нејзината апликација за влез во НАТО без да ги врати „терористите“, пренесува Ројтерс.

Шведските и финските делегации не треба да доаѓаат во Турција за да ја убедат да ги поддржи нивните обиди за приклучување кон алијансата, рече Ердоган во говорот пред пратениците од неговата владејачка АК Партија.

„Имаме таква чувствителност како заштита на нашите граници од напади на терористички организации. Проширувањето на НАТО за нас е значајно само пропорционално на почитта што ќе се покаже кон нашата чувствителност“, рече Ердоган.

Турција ги обвини Шведска и Финска дека засолниле луѓе за кои вели дека се поврзани со групи кои ги смета за терористи, вклучително и милитантната група Курдистанска работничка партија (ПКК) и следбениците на Фетулах Ѓулен, кого Анкара ги обвинува за организирање на обидот за пуч во 2016 година.