Стојанче Ангелов, кој досега беше в.д., денеска е унапреден во директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК). Одлуката е донесена на денешната владина седница што воедно беше последна пред годишните одмори.

Ангелов во изминатите неколку денови се најде под силен притисок во јавноста поради т.н. „ер трактори“ или попознати како канадери и нивната нефункционалност за големите пожари што ја зафатија Македонија, поради тоа што не се сервисирани.

На апелите од јавноста за понесување на одговорност, тој возврати дека прво треба да се изгасат пожарите, па потоа да се утврдува одговорност. На вчерашната прес-конференција, Ангелов нагласи дека ќе поднесе оставка и ќе замине од државата, ако се утврди одговорност кај него, во спротивно ќе бара извинување од новинарите.