Вашингтон од следната недела ќе ја укине мерката за задолжителното носење на маска во затворен простор, соопшти денеска градоначалничката, Мјуриел Боузер.

Од понеделник се укинува обврската за носење на маска во затворен простор во Вашингтон, рече таа на денешната прес-конференција.

Приватните компании може да продолжат да бараат носење на маска и таа останува задолжителна во јавниот превоз, во училиштата, во библиотеките, во домовите за стари лица, како и во некои јавни згради.

Главниот град на САД на крајот на јули воведе задолжително носење на маска за вакцинирани и невакцинирани лица, поради зголемениот број на инфекции поврзани со делта сојот на коронавирусот. Со тоа, Вашингтон се вбројуваше меѓу градовите со најстроги мерки против коронавирусот во земјата.

Американскиот центар за превенција на болести (ЦДЦ) соопшти дека, иако бројот на инфекции во Вашингтон е стабилизиран, сепак постои загриженост дека градот е место каде што циркулацијата на вирусот е сè уште значајна.