Патниците со два лета на КЛМ, кои утринава слетаа на аеродромот „Шипол“ во Амстердам од Јужна Африка, се задржани во авионот. Тие се тестираат за коронавирус во врска со новата, веројатно позаразна, варијанта откриена во јужниот дел на Африка. Во моментот не им е дозволено да го напуштат авионот, јавуваат медиумите.


Секој од нив ќе биде подложен на ПЦР тест на аеродромот, а тестовите ќе бидат анализирани што е можно поскоро. Се очекува сите да бидат тестирани до 16:30 часот, а резултатите ќе бидат познати вечерва околу 20:30 часот. Во меѓувреме патниците ќе бидат одвоени од другите луѓе во аеродромската зграда. Како што соопштија од раководството на „Шипол“, од пладневните часови овој аеродром повеќе нема да пушта патници од Јужна Африка во Холандија.

Еден од авионите слета во Амстердам околу 10:30 часот од Кејп Таун. Вториот слета половина час подоцна од Јоханесбург. Засега не е познато колку патници има во авионите. Привремениот министер за здравство, Хуго де Јонге во петокот наутро објави дека Холандија ќе ги забрани летовите од Јужна Африка од петок напладне.

На листата на земји со висок ризик се додадени Боцвана, Есватини, Лесото, Намибија, Зимбабве и Јужна Африка. Де Јонге во петокот наутро рече дека патниците од овие земји ќе бидат тестирани на „Шипол“ и дека мора да бидат ставени во карантин.