Министерот за внатрешни работи на Мадагаскар, Серж Геле е еден од двајцата преживеани кои пливаа цели 12 часа до брегот по падот на нивниот хеликоптер во океан.

Министерот Геле и неговиот колега полицаец стигнаа до брегот во близина на градот Махамобо вчераутро, откако скокнаа од хеликоптер во пад, изјави началникот на пристаништната капетанија, Жан Едмонд Рандрианантенаина.

Во видео снимка која стана вирална на социјалните мрежи, се гледа 57-годишниот Геле како лежи исцрпен во униформа и вели „сè уште не ми е време да умрам“.

„Хеликоптерот го превезувал него и уште неколку колеги на увид на бродолом, североисточно од брегот на островот Мадагаскар. Несреќата се случила во понеделникот наутро и во неа настрадаа најмалку 39 лица“, изјави полицискиот комесар, Зафисамбатра Равоави.

Тој претходно за АФП изјави дека министерот преживеал, бидејќи земал едно од седиштата во хеликоптерот за да ги одржува на површина.