Во американската сојузна држава Охајо, во близина на градот Источна Палестина, товарен воз излета од шините, по што избувна огромен пожар, јави Си Би Ес Њуз. Поради пожарот е наложена евакуација на жителите во радиус од 1,6 километри од железничкиот премин Св. Џејмс.

Фотографиите од Источна Палестина, град северозападно од Питсбург, објавени на социјалните мрежи покажуваат запалени повеќе вагони. Може да се забележи како чад се издигнува од пламенот и ја исполнува атмосферата.

За жителите е организирано засолниште во едно средно училиште во Источна Палестина. Полициски автомобили возат низ градот и преку звучници ги повикуваат жителите да се евакуираат. Се уште не е позната причината за излетувањето на возот од шините, исто како и она што го превезувал. Според неофицијални информации возот по излетувањето од шините удрил во бензинска пумпа.

Засега нема информации за повредени. Товарната железница Norfolk Southern Corp „координира со локалните служби за итни случаи додека ги мобилизира сопствените тимови“, истакна портпарол на компанијата во соопштение испратено по е-маил.