Што помалку да се користи притворот како мерка на судот и истиот да се дава само во неопходни слуачи, апелираше денеска премиерот Зоран Заев од собраниската говорница, коментирајќи го случајот на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е координатор на една од пратеничките групи на партијата во Собранието, денешните пратенички прашања ги искористи како прилика да го праша Заев дали чувствувал лична грижа на совест за притворот на Темелко.

„Немам грижа на совест но јас лично мислам дека треба да се земе во предвид здравствена состојба на Темелко и да му се дадат олеснителни околности за судските процеси. Треба и Обвинителството и судството да конвергира кон што е можно повеќе олеснителни околности, и што помалку да се користи притворот. Нема ни да помислам да се мешам во обвинителството или судството. Власта не треба да има никакви допирни точки со оваа власт освен професионалната соработка. Лично мислам дека посегнување кон притвор треба да има само кога тоа е морално, кога мора да се случи тоа. Инаку да се избегнува. За грижа на совест, ниту сум помислил зло, ниту сум направил, па така и за господинот Едмонд Темелко“, одговори Заев.

На ова Милошоски дополни со дополнително прашање во кое ги спомна бизнисменот Бајруш Сејдиу и поранешниот затвореник Агим Красниќи.

„Во однос на Темелко…што е тој поопасен за безбедноста на државата од господинот Бајруш Сејдиу за едниот да биде ослободен, а другиот не? Што е тој поопасен од Агим Красниќи за едниот да биде во притвор а другиот ослободен. Што е Темелко поризичен од Филип Секуловски – Кобра?“, праша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ незадоволен од одговорот на Премиерот.

Заев за ова повтори дека не се меша во судските одлуки и дека може како висок функционер само да апелира, но воедно порача дека не му се потребни умилкувања од судот или поединци.

„Се сложувам со вас ако алудирате на тоа дека законот треба да важи за сите. Но не се сложувам со паралелата која ја правите Албанци со Македонци. Кога излегоа во медиумите дека биле пуштени од затвор, проверив директно и имаат право согласно закон да имаат прекин на затворот. Законот мора да важи еднакво за сите. Ако некој е затворен и осуден и има право после одредено отслужување на казната, да добие прекин,  тоа треба да го добие, па кој сака нека биде. Треба да разговараме за ваквите случаи бидејќи чувствувам дека одредени институции и поединци сакаат да се умилкуваат на власта. Ако мисли некој дека ќе му учини на Заев, се лаже. Секој треба да носи одлуки според закон и Устав и никој не треба да биде обвинет или осуден ако нема докази за тоа. Никој нема потреба да ни се умилкува, да ни се додворува или да се прави дека е поддржувач на власта ако притоа придонесува штета на граѓани на Македонија“, потенцираше тој.