Собранието доцна синоќа ја утврди потребата за донесување на законите за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители по скратена постапка. Расправата за двете предложени законски решенија се сели во собраниската Комисија за европски прашања и во Законодавно-правната комисија.

Носењето на самата одлука мина во тензичка атмосфера и препукувања меѓу власта и опозицијата. Седницата првично беше закажана за 17 часот, но започна со задоцнување од околу четири часа. Владата го повлече текстот на законите поради технички грешки и по направените корекции повторно го врати во собраниска процедура.

„Во Предлог законот за јавно обвинителство беа направени корекции кои се однесуваа на финансирањето на Јавното обвинителство и усогласување на стапувањето во сила со примената на законот. Владата донесе заклучок Предлог-законот за јавното обвинителство со тие дополнувања да биде доставен до Собранието. За жал, текстот беше пратен со ситни технички грешки кои се однесуваа на усогласените корекции на седница на Владата и од тие причини испратениот текст на Предлог-законот за јавното обвинителство беше повлечен, корегиран и повторно доставен до Собранието“, се наведува во соопштението на владината прес служба.

Во меѓувреме, опозицијата обвини за најгруб фалсификат и побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери да ги врати законите до Владата бидејќи, според нив, предлозите се доставени неделовнички и нема одлука на Влада ниту за повлекување на материјалот, ниту за новиот предлог.

Вие треба да го вратите овој материјал бидејќи на седницата на Владата нема одлука за повлекување, ниту одлука за доставување на нов материјал во Собранието. Врз основа на ова, предлозите се неделовнички и согласно Деловникот имате обврска и право да го вратите предлогот до Влада. За предложените закони може да закажете седница на Собранието, откако ќе минат на владина седница. Вака, вие учествувате во кршењето на Деловникот на Собранието“, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Законот за јавното обвинителство по прексиноќешното зелено светло од Владата, вчера влезе во собраниска процедура, откако власта потврди дека ја обезбедила потребната двотретинска поддршка од пратениците за негово изгласување.

Утврдениот Предлог-закон, како што посочуваат од Владата, е усогласен во претходна постапка во Собранието и во него се вградени решенија што обезбедуваат функционирање на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности, со прeдвидени услови за фер и еднаквост на страните во правосудната постапка.

„Решението на Предлог-законот гарантира дека сите судски процеси кои беа во надлежност на Јавното обвинителство за гонење кривични дела кои се поврзани и произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон за да добијат правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази“, се вели во соопштението од Владата.

Новина во Предлог-законот, според Владата, е изборот на јавен обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција кој ќе се се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во С. Македонија. За основен јавен обвинител на Основното Јавно Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Советот ќе го именува кандидатот кој што ќе освои најмногу гласови од листата на пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите согласно овој закон.

На владината седница во неделата вечерта беше утврден и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители, кој, исто така, се предлага да биде усвоен по скратена постапка.

Парламентарното мнозинство – СДСМ и ДУИ за усвојување на законот сметаат на гласовите на Независната пратничка група на ВМРО-ДПМНЕ, на „Алијанса на Албанците“, на „Алтернатива“ и на Движењето „Беса“.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев прексиноќа напиша на Фејсбук дека е постигната доволно добра основа за да почне процедурата за носење Закон за јавно обвинителство, а кој се надева дека ќе добие поддршка од најмалку две третини од пратениците.

„Усвојувањето на овој закон ќе биде голем придонес за нашата европска интеграција и аргумент плус за ЕУ да донесе позитивни одлуки поврзани со почетокот на преговорите за членство во Унијата. Законот ги овозможува неопходните услови за владеење на правото во нашата земја и за конечна и темелна изградба на правната држава. Низ разговорите, во содржината на Предлог-законот, беа вградени и голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ што ги застапуваше и се бореше независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, со што се изнајде решение кое обезбедува функционирање на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности и се создаваат услови за фер и еднаквост на страните во постапките, а со крајна цел да се овозможи правда“, вели Заев.

Законот, според него, гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат своја правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази.

„Она што ни беше една од основните цели, го обезбедивме – во законот нема скриена амнестија, секој за кој постои обвинение ќе си одговара пред институциите“, вели Заев кој упатува благодарност до ЕУ, до САД и до Државниот јавен обвинител за нивните напори при дефинирање на содржината на овој Предлог-закон, но и на сите пратеници и експерти кои дадоа свој придонес.

Тој ги повика сите политички сили во земјата да го поддржат законското решение, за, како што наведува, уште еднаш заедно да го потврдиме европскиот пат на нашата земја и заедно да ја потврдиме нашата стратешка определба за обезбедување правна држава.

 

Во меѓувреме, од ДУИ, од „Беса“ и од „Алијанса на Албанците“ најавија дека нема да го поддржат законот бидејќи во Собранието била доставена различна верзија од она што било договорено на Влада.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека за нив е прифатлив само прексиноќешниот договорен текст на законот за јавното обвинителство, а секој друг текст не е прифатлив.

„Јас го знам законот што е усогласен синоќа, а не законот што е променет со различни волји на другите луѓе и немам идеја што е променето. Пред средбата бев информирам дека законот што го усогласивме вчера, не е во таа форма доставен во Собранието и не ги знам промените кои ги имаат направено“, изјави вчера Ахмети.

Слични изјави дадоа и Сурија Рушити од „Алијанса за Албанците“ и Фадил Зендели од „Беса“ и најавија дека нема да го поддржат законот за јавно обвинителство, бидејќи пристигнатата верзија во Парламентот се разликува од онаа што тие ја договориле во преговорите со Министерството за правда, пред се затоа што се против амнестија, а со членот 110 се предвидувала амнестија.

Независната пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ, пак, во неделата соопшти дека ќе даде поддршка за законот за јавното обвинителство. Во соопштение до медиумите наведуваат дека во законот се вградени нивни ставови со кои, меѓу другото, се предвидува Јавниот обвинител кој ќе раководи со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да биде избран со непосредно гласање на сите обвинители, Јавното обвинителство повеќе да не може да заснова обвинение врз основа на незаконски прислушкувани материјали и во обвинението за случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ да не се користат незаконски прислушкуваните материјали поднесени по законскиот рок.

Апелираат до ВМРО-ДПМНЕ да даде конструктивни и издржани амандмани кои заедно ќе ги поддржат и во интерес на граѓаните да се донесе законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и да се поддржат  евроатланските процеси.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера потврдија дека остануваат на ставот против законот за јавно обвинителство и обвинија дека власта со сила наметнува законски решенија кои се спротивни на Уставот, на европските вредности и на интересите на македонските граѓани.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оцени дека предложениот закон за ЈО на Владата, не ги содржи забелешките на експертите и повторно побара веднаш да се создаде тим од експетри кои ќе го подготват текстот на законот и тој да се изгласа од следниот парламентарен состав, бидејќи, како што рече, целта е да се донесе квалитетен закон.

Според него, предлог законот за ЈО е и монархистички бидејќи, како што вели, се менува членот за изборот на државни јавни обвинители, односно за ОЈО за организиран криминал, со Законот се овозможува амнестија за Заеви, за членови на неговата влада, како и амнестија за помал дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, односно оние кои, вели, се во негово заложништво.

Официјален Брисел го поздрави компромисот помеѓу сите политички партии за законот за јавно обвинителство.

„Европската Комисија е запознаена со остварениот напредок во преговорите за законот за јавно обвинителство во текот на овој викенд и го поздравува тоа што политичарите, во дух на компромис, го ставаат националните интерес над се“, стои во реакцијата на Европската Комисија.

Европска комисија

Европската Комисија потсетува дека носењето на овој закон е важен сигнал за патот на С. Македонија кон ЕУ. Законот за јавно обвинителство, иако не е формален услов, според сите дипломати и претставници на Европската Комисија, е клучен фактор за олеснувањето на одлуката за почеток на преговори што треба да ја донесат земјите членки кон крајот на март. Доколку законот не се донесе, се смета дека поголем е ризикот една или повеќе земји членки да го искористат како изговор за нова блокада за почетокот на преговори.

Законот за јавно обвинителство би можел да биде причина за неколкудневно пролонгирање на распуштањето на Парламентот, но не и на изборите најавени за 12 април. Во врска со датумот за распуштање на Собранието, спикерот Талат Џафери вчера соопшти дека Парламентот би можел да се распушти најдоцна до 16 февруари, што е согласно одговорот што го добил од Државната изборна комисија за тоа кој е оптималниот рок за распуштање на Парламентот, а со цел да се испочитуваат сите постапки и рокови за одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април. Според ДИК, тоа треба да биде на 55 дена пред изборите.