Во среда навечер 15,6 милиони Французи ја проследија дебатата меѓу двајцата финалисти на француските претседателски избори Емануел Макрон и Марин Ле Пен. Педантните соработници на двајцата кандидати уште пред дебатата се договорија за неколку златни правила. Беше утврдено температурата во студијот да биде 19 степени, двајцата противкандидати да бидат на далечина од 2,5 метри а новинарите Леа Саламе и Жил Було на 4.5 метри. Секој од кандидатите имаше на располагање по 90 секунди, а камерите не смееле да го снимаат кандидатот кога тој ги консултирал своите белешки. Дури и темите според редоследот беа однапред утврдени: куповната моќ, местото на Франција во светот, пензиите, имиграцијата, безбедноста и лаицизмот. Истите глумци во различен филм како пред пет години и со речиси идентична облека: доминираа националните бои на Франција. Макрон носеше костум во париско-сина боја и темна вратоврска, Марин нешто потемен син костум во комбинација со бела блуза, ненападно нашминкана и мошне позитивен и мек поглед, веројатно заради критиките од 2017 кога и забележаа дека била премногу остра, нападна и агресивна , што не е одлика на француски претседател.

Од нивниот последен ТВ – дуел изминаа пет долги години. Претседателот Макрон во тие пет години, во отуство на канцеларката Меркел се наметна како лидер на Европа. Меѓутоа во неговата држава Французите, и особено пониските социјални слоеви, „жолтите елеци“ му забележуваат дека катастрофално опаднала куповната моќ на населението. Доколку во оваа дебата покаже вообразеност и агресивност особено кон една дама, тоа ќе е во полза на Ле Пен, предидуваше Марк Бодријер од порталот Булевар Волтер.

Пет години беа долг период и за Марин Ле Пен. Како шеф на партија во опозиција успеа да го преживее големиот пораз од 2017. Почна да настапува умерено, и постојано го „разблажуваше своето вина со вода“ како симбол на умереност, фокусирајќи се на програма која се темелеше на социјалните прашања.

Пред почетокот на дебатата на екраните се покажаа последните проценки на француското јавно мислење: 55,5 отсто – 44,5 отсто во полза на Макрон. Дваесет и четири часаподоцна, сондажите покажаа дека дебатата не променила ништо во расположението на Французите. Макрон и натаму е голем фаворит со 55,5 отсто  додека Марин Лепен остана на истите 44,5 отсто. Дебатата почна со директно прашање на Леа Саламе: на кој начин ќе раководите со Франција? Ле Пен се повика на патриотизмот и на Французите. „Народот е најголемиот адут на Франција, но тој народ е несреќен, се измачува со ниската куповна моќ и се сомнева во иднината“. Како претседател на Франција, Ле Пен вети дека ќе направи вистинска ренесанса во сите домени:…се залагам за слога, за национално братство…“ Реакцијата на Макрон беше со достоинствен тон, истакнувајки „дека Франција помина тешки моменти по пандемијата а сега и со војната воУкраина.. ќе ја направиме наша Франција уште посилна во сите домени..ветувам Франција ќе ‘биде голема еколошка сила на 21-век“.

Почетната тема на ТВ-дуелот беше прашањето за падот на куповната моќ. Ле Пен истакна дека во однос на оваа тема таа е вистински портпарол на Франција. „Порастот на цените на земниот гас и нафтата, инфлацијата која претстои, не прават немоќни. Затоа предлагам да се смали ТВА-та за 20% со што ќе се заштедат 12 милијарди евра кои би се намениле во социјалнат заштита“. Воедно неможе да се прави харикири со тоа што ќе се избегнува да се купува рускиот гас и нафта“.

Реакцијата на Макрон беше многу остра и ја обвини дека во 2014 нејзината партија се задолжила кај позната руска банка. Ле Пен одговори дека нејзината партија е сиромашна и во тој период ниту една француска банка не сакала да им додели кредит за изборите од 2017. „Впрочем кога меобвинувате за Путин, вие господине претседателе го примивте во помпезна посета Владимир Путин“.

Темата Европа исто така предизвика доста искри. Ле Пен истакна дека таа посакува „длабоко да ја промени ЕУ како една европска Алијанса на народи“. Го критикуваше концептот на „слободна размена“ и „правата на издвоените работници“ кои работат во Франција а социјалните придонеси ги плаќаат во своите држави.

Претседателот Макрон го истакна значењето на француско-германската двојка. „Нашиот суверенитет е национален и европски, а вашиот проект госпоѓо се содржи во нашето напуштање на ЕУ“.

Во однос на проширувањето на ЕУ ниту еден од кандидатите не се изјасни ниту ја спомна оваа тема. Второто социјално досие посветено на пензионирањето, се одвиваше мирно. Марин Ле Пен предложи пензионирање со наполнети 60 и 62 години под услов на работен стаж од 40 години. Макрон не го дели таквото мислење. Тој истакна дека „ќе го подобри нивото на пензиите, но без да се зголемат даноците ниту да се зголеми долгот“. „Секоја година за четири месеци ќе се зголемува периодот за заминување во пензија така што во 2031 ке го достигнеме прагот од 65 години за заминување во пензија“.

Пандемијата и санитарната криза добија значаен простор во дебатата. Марин Ле Пен вети дека ќе ја зголеми куповната моќ на Французите преку смалување на трошоците како што е смалувањето на ТВА, даноци на приходите за младите под 30 години и зголемување на платите на негувателките, медицинските сестри. Според Макрон кризата на здравството го натерала да инвестира 19 милијарди во изградба и унапредување на поликлиниките, болниците, платите, старските домови… Во доменот на екологијата, Марин Ле Пен го нарече Макрон „климо-хипокрит“ и го потсети дека тој бил за затварање на нуклеарноте централи а потоа го сменил ставот. Таа му замери што Макрон претерал и со проектите за еол-енергијата, истакнувајки дека можеби и нашите летувалишта во Туке или Кан ќе ги украсите со ветерници. Макрон се изјасни за побрзи реформи во овој домен, вети термичко реновирање на 700 000 станови, воведување на еколошки автомобили. Патем ја потсети Марин Ле Пен дека „во нејзините 22 мерки за Франција ниту една не се однесувала на екологијата“. Во однос на внатрешната сигурност која беше тема на дебатата и во 2017, Макрон информира дека биле вработени 10 000 полицајци и жандарми и воспоставени 1500 сајбер-патроли.

Марин Ле Пен верна на сопствената филозофија, се заложи за поостри казни, и вети дека доколку биде избрана за претседател ќе ја расчисти масивната и архаична имиграција.

Двајцата кандидати разменија свои погледи и околу образовниот систем и функционирањето на институциите, референдумот за разни тековни прашања, значењето на „жолтите елеци“ итн. За време на дебатата, Макрон беше оној кој зачестено упаѓаше и ја прекинуваше Марин, но идвајцата кандидати останаа достоинствени.

Еден ден подоцна, двата изборни штабови истакнуваа дел од дебатите на нивните противници. Во кампот на Макрон и забележаа на Марин Ле Пен дека „сака да ја напушти Европа“. Сопартијците на Макрон од Републиката маршира, истакнаа дека „Макрон настојува да ја изгради силна Франција во силна Европа“. Воедно од партијата на Макрон и забележуваат на Ле Пен дека „не го поддржала целосно украинскиот народ, бидејки не гласала за финансиската помош ниту за санкциите во Европскиот парламент“.

Од кампот на Ле Пен порачаа: „Макрон не ја чувствува Франција. Тој е во вселената. Марин е во вистинскиот живот на Франција“. Нејзината партија „Национален собир“ му замери на Макрон што го продолжува работниот век на 64 до 65 години, што ќе значи повеќе несреќа на работа, повеќе професионални болести, повеќе социјални и здравствени трошоци. „Нашите Французи се скршени и руинирани, ете на кој начин Макрон ги сака Французите“.

Третопласираниот во претседателската трка, Жан Лук Меланшо, остро ја искритикува монотоната и непродуктивна дебата. „Нашата држава заслужува повеќе“, рече тој. Затоа тој многу се надева на успех во третиот круг. Меланшо се надева дека ќе се избори за премиерско место.

Многу покритичен беше претседателскиот кандидат и суверенист Никол Дипон-Енјан (На нозе Франција) кој ги повика своите гласачи да гласаат за Марин Ле Пен. „Макрон со Оланд ги уништија нуклеарките, а сега предлага да се изградат 50 паркови за олеоветерници на море кои ќе ги дефигурираат нашите крајбрежја. Макрон на дебатата делуваше како агресиво петле“.

Слично размислува и европратеникот и лепенист Жикбер Колар. „Гледачите по еден час чекање, ништо не слушнаа за аферата МкКинси, жолтите елеци, приватизацијата на слободите, несигурноста, имиграцијата“, рече тој.

Кандидатите се соочија околу темите Русија и Европа. „Макрон се покажа офанзивен и прецизен наспроти Марин која покажа само борбеност и иницијатива“, пишува Миди Либре. Макрон ја нарече Марин „климато-скептик“ а таа му возврати дека е „климо-хипокрит. Според Ле Монде „за разлика од 2017 овој пат Макрон напаѓаше а Марин беше во дефанзива. Макрон стравуваше дека таа ќе напаѓа за неговиот петгодишен биланс, а Ле Пен стравуваше да не остави впечаток на агресивна кандидатка како 2017, дури ризикувајќи да ја десеткува својата кампања. Според Ле Фигаро, дијалогот е оценет како нерешен, со блага предност за Макрон. Левичарскиот Либерасион констатира дека „Ле Пен била неспособна да ја наметне својот програма како што е куповната моќ но се соочи со еден арогантен Макрон кој умееше да флертува помеѓу милосрдието и снисходливоста.

Дел од неопределените аналитичари зажалија што Макрон во ниту еден момент не ги употребил изразите „екстремна десница“, „расизам или ксенофобија“. Но и Марин Ле Пен не ги спомна темите за жолтите елеци, привилегираните слоеви. Дали тоа значеше дека го прифатиле трендот на деполитизација. И Марин Ле Пен и Емануел Макрон излегоа задоволни од ТВ – дуелот, исто како и нивните штабови. Сите беа задоволни од дебатата. „Тоа беше подобра дебата од онаа во 2017“, изјави водителката и воедно новинарка Леа Саламе.

Единствено останува да видиме дали утре (24 април) Французите ќе го изберат фаворизираниот Макрон кој според сондажите води речиси 10 отсто во однос на Марин. Меѓутоа како што во 1974 рече Жискар Д Естен „врз срцата на Французите никој нема монопол, освен самите тие. Французите решаваат на кого ќе му ја дадат довербата“. Тогаш победи Жискар. Седум години подоцна, Митеран го окарактеризира Жискар како „пасивен човек“. Жискар возврати дека Митеран е „човек на минатото“. Тие две реченици ја променија судбината на Франција. На крајот победи Митеран.

Нано Ружин, универзитетски професор