Државниот јавен сервис на Северна Кореја објави порака во која ја обнови заканата кон САД, дека за било какво „неодговорно дејствување“ на Америка, Пјонгјанг ќе преземе контра мерки.
Северна Кореја првично се закани во август дека ќе цели на островот Гуам, кој е американска територија, откако се заострија односите меѓу претседателите Доналд Трамп и Ким Јонг Ун, откако првиот човек на Америка порача дека „изолираниот режим ќе се соочи со оган и бес какви што светот досега не видел“.
„Неколку пати предупредивме дека ќе преземеме контра мерки во самоодбрана, вклучувајќи и испалување ракети во водите близу Гуам“, вели дипломат на Северна Кореја, цитиран од Си-Ен-Ен.
Но ваквите предупредувања од Пјонгјанг исто така доаѓаат во време на тензии кои се очекуваат да пораснат во текот на следната недела, бидејќи американската и јужнокорејската морнарица ќе започнат заеднички вежби. За Северна Кореја, ваквите вежби се подготовка за инвазија.
Но според американските аналитичари, денешната порака од Северна Кореја можеби доаѓа и како изговор на Пјонгјанг, кој наводно планира да испали четири ракети над Јапонија а кои би завршиле околу 30, 40 километри од островот Гуам во следните неколку дена.