Перо Антиќ го зададе решавачкиот удар на Реал во големата победата на Црвена звезда среде Мадрид со 87:83 (по четвртини: 24:19, 15:27, 19:21, 25:20) во 10 коло во кошаркарската Евролига. Конечниот резултат го постави токму македонскиот интернационалец кој украде топка и со тројка на седум секунди до крајот ги обезбеди недостижните плус четири за белграѓани.
„Црвено-белите“ имаа и плус 13 во второто полувреме, а „кралевите“ успеаја да се вратат во игра, да го одведат натпреварот во неизвесна завршница, но не и до пресврт. Гостите, сепак, одиграа на ниво во најголем дел од средбата, ја задржаа концентрација, имаа мирни раце и ладни глави и заслужено ја прославија третата победа во сезоната, прва на гостински терен по двете над Макаби Тел Авив и Барселона во „Белградска арена“.
Лука Дончич беше најефикасен играч на средбата со 20 коша, Џејси Керол додаде 12, а Треј Тмпкинс и Руди Фернандез по 10 за Реал Мадрид. Пет кошаркари беа двоцифрени кај белграѓани. Ги предводеше Тејлор Рочести со 18, Милко Бјелица уфрли 16, Антиќ 11 (2/2 слободни фрлања, 0/2 за два поена и 3/8 за тројка), Огнен Добриќ и Џејмс Фелдеин по 10. Покрај 11. поени, Антиќ за 26 минути на паркетот запиша и четири скока (по два офанзивни и дефанзивни) и една асистенција.
Црвена звезда во наредното коло ќе биде домаќин на Анадолу Ефес, Реал Мадрид, пак, ќе патува на гости кај Олимпијакос.
Евролига, 10 коло
Реал Мадрид – Црвена звезда 83:87
Панатинаикос – Уникаха Малага 82:71
ЦСКА Москва – Барселона 92:78
Валенсија – Олимпијакос 64:72
Басконија – Фенербахче 69:83
Макаби Тел Авив – Жалгирис 81:74
Анадолу Ефес – Милано 73:68
Химки – Бросе Бамберг 82:73
Табела: ЦСКА Москва (8 поб.-2 пор.), Олимпијакос (8-2), Фенербахче (7-3), Панатинаикос (7-3), Макаби Тел Авив (6-4), Химки (6-4), Реал Мадрид (5-5), Жалгирис (5-5), Бросе Бамберг (5-5), Барселона (4-6), Басконија (4-6), Валенсија (3-7), Анадолу Ефес (3-7), Милано (3-7), Црвена звезда (3-7), Уникаха Малага (3-7).