Денеска се очекува кумановскиот суд да изрече пресуда за убиството на 4 годишниот Алмир.
Сите четворица обвинети во случајот на минатото рочиште се изјасниле како невини – и возачот на мерцедесот, Бобан Илиќ кој го удри Алмир и таткото на детето, Седат Алиу и двајцата чичковци на Алмир, кои претходно се карале и го нападнале Илиќ.
Во завршните зборови пред кумановскиот суд адвокатот на таткото на Алмир побара одново да почне главната расправа. Причина за ова е што Обвинителството достави две нови вештачења, поради кои го преквалификува делото од убиство со умисла во тешки дела во сообраќајот, а токму вештаците кои ги изработиле немале лиценци.
За бранителот на Бобан Илиќ пак барањето на адвокатот на семејството Алиу е срамен чин. Смета дека неговиот клиент не само што не сторил убиство со умисла туку ниту делото кое му е на товар по преквалификацијата, тешки дела во сообраќајот. Смета дека настанот се случил од небрежност.
Сепак судот не прифати обновување на процесот и пресудата ја закажа за денеска.
Главен и круцијален доказ и за двајцата адвокати е снимката на која се гледа и расправијата меѓу Илиќ и Алиу и моментот кога мерцедесот удира во Алмир.
Во овој случај обвинителството се премисли за делото во завршните зборови, повикувајќи се на двете вештачења кои сега се спорни за дел од одбраната.
Обвинителката рече дека обвинетиот Бобан Илиќ извршил кривично дело „сообраќајна несреќа“ со што ја загрозил безбедноста на пешаците, возејќи со брзина од скоро 40 километри на час, но Илиќ не го извршил делото со умисла. По ова Илиќ беше ослободен од притвор.
Ова предизвика несогласувања во Јавното обвинителство, при што четворица обвинители отворено застанаа против одлуката за преквалификација, нарекувајќи ја неоснована, додека пак јавниот обвинител Љубомир Јовески го осуди нивното јавно обраќање и најави дека оваа нивна постапка ќе биде разгледа од етичкито совет.
Во меѓувреме и министерот за правда Билен Саљили си поднесе оставка, тврдејќи дека е од морални причини за овој случај.
Од ДУИ поднесоа барање за формирање работна собраниска група која ќе ги испита сите аспекти на случајот.
Досега се одржаа и неколку граѓански протести за правда за малиот Алмир, од кои два пред Јавното обвинителството, и еден неодамна пред Владата.