Во сабота на 18 август Владимир Путин патува во Виена. Но не на официјални средби. Рускиот лидер е поканет на свадбата на шефицата на австриската дипломатија Карин Кнеисл, член на екстремно десната партија ФПО која е во коалиција со австриските демо-христијани.

Откако ќе им посака среќа на младенците, Путин вечерта се среќава со германската канцеларка Ангела Меркел. Тема на средбата се Сирија, Украина и енергијата.
Во изјава за “Ле Монд”, францускиот професор по политички науки Никола Тензер, вели дека ова е одлична можност за Путин да се појави како интимен пријател кај европски министер.
– Сега можеме да се види дека Путин одржува приватни односи со некои членови на екстремната десница во Европа.
Русија има интерес за промена на граници на Балканот
Австрија, како актуелен претседавач со ЕУ, го поддржува ширењето на ЕУ кон Балканот. Еден европски дипломат тврди дека “Ле Монд” дека Кремљ е „многу активен“ околу „експлозивниот“ план на размена на територии со Косово.
– Мариа Захарова, портапролката на руската дипломатија, беше неодамна во Белград. Таа јавно го поддржа српскиот сојузник во рамките на овој процес. Русија има интерес оваа размена да се конкретизира бидејќи се надева дека дополнително ќе ги подели Европејците и смета дека таква промена на граници ќе и служи во аргументацијата за Крим пред Западот, истакнува неименуваниот европски дипломат за „Ле Монд“.
Понатаму, весникот додава дека Захарова „може да смета на помошта на Виена, влијателна на Балканот“.
„Ле Монд“ оценува дека со враќањето на власт на партијата ФПО, позициите на Австрија кон Балканот станале „двосмислени“ и покрај признавањето на независноста на Косово затоа што лидерот на ФПО и австриски вице-канцелар, Хајнц Кристијан Штрахе, изјави дека Косово и натаму е дел од Србија и ја поддржа независност за Република Српска.
Нема мали корекции на граници
Истовремено денес Европската комисија објави дека Белград и Приштина во септември ќе седнат повторно на преговарачка маса и во моментов ги дефинираат темите за разговор во дијалогот а улогата на ЕУ е само посредничка. Претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, се согласиле да го интензивираат дијалогот и да се состанат во септември.
Нема одговор дали размената на територии или «корекција» на границите како што тоа го нарече Тачи, ќе бидат на агендата во Брисел во септември.
– Двете страни треба да ја постават агендата, нашата улога е да посредуваме во дијалогот, рече портпарол на Комисијата на прашањето дали промената на границите би можела да биде тема на дискусија во септември или како можност е целосно исклучена од високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини.
Меркел пред неколку дена изјава дека било каква промена на границите на Балканот не смее да се случи, додека САД се чинат пофлексибилни и велат дека ќе прифатат договор до кој би дошле Белград и Приштина.

Поранешниот генерален директорат за проширување во ЕК, Пјер Мирел, вчера во интервју со дописничката на МИА од Брисел, вели дека е зачуден од млаката реакција на Комисијата по изјавите на Тачи и Вучиќ и смета дека Брисел треба да предупреди за ризиците што ги носи можната поделба на Косово.
-Веднаш се помислува на Република Српска, но и албанската заедница во Македонија, па хрватските кантони во Босна кои би можеле да речат дека сакаат со Хрватска. Но, ова оди и подалеку: Унгарците во Словачка, можеме да замислиме дека и Русија во Транснистрија би го земале ова за пример, вели Мирел.
-Ако ова не е преговарачка тактика и ако е реална, а референдумот за името во Македонија не помине, апсолутно има ризик. Албанците во Македонија би можеле да си речат дека не им е место во таа земја. Во секој случај ќе се охрабри идејата за прецртување на границите, вели Мирел во интервјуто за МИА.
За Мирел оваа реторика е загрижувачка и поради тоа што отвора сомнеж дека принципите се сменети во Вашингтон и во Москва. Тој зборува за “домино” ефект доколку се допрат границите.
-Тачи вели “сакам само мала корекција“, нема мали корекции во оваа област, тоа е невозможно. Ако допрете еден елемент, сите други можат да следат. Така што ова е екстремно ризично. Она што уште повеќе ми пречи и ме плаши е претпоставката дека Вашингтон има слух за Србија, но и Москва. Во Вашингтон со “големите мислители“ како Банон кои проповедаат екстремно десничарски ставови, знаете… а за Москва ова е благослов!, вели Мирел.