Коби Брајант имаше „мека“ рака за репрезентацијата на Србија на денешната ждрепка за групите на Светското кошаркарско првенство во Кина (31 август-15 септември) оваа година. Како што погодуваше лесни поени за Лос Анџелес Лејкерс, така додели лесни мундијалски ривали за северниот сосед.
Тимот на Александар Саша Ѓорѓевиќ на завршниот турнир ќе игра во групата Д во Фосхан заедно со селекциите на Италија, на Филипини и на Ангола и важи за апсолутен фаворит не само за минување во наредната фаза туку и за пласман во финалето на потенцијален судир со американскиот „дрим-тим“.
Црна Гора, пак, која ќе дебитира на кошаркарските мундијали, ќе биде дел од групата Ф во Нанџинг со репрезентациите на Грција, на Нов Зеланд и на Бразил.
Извлекувањето на групите се одржа во Шенжен. Пред 8.000 гледачи на сцената се појавија Коби Брајант и кинеската кошаркарска легенда, Јао Минг.
Ждрепка за СП 2019 во кошарка (м)
Група А (Пекинг): Брег на Слонова Коска, Полска, Венецуела, Кина
Група Б (Вухан): Русија, Аргентина, Кореја, Нигерија
Група Ц (Гвангжу): Шпанија, Иран, Порторико, Тунис
Група Д (Фосхан): Ангола, Филипини, Италија, Србија
Група Е (Шангај): Турција, Чешка, САД, Јапонија
Група Ф (Нанџинг): Грција, Нов Зеланд, Бразил, Црна Гора
Група Г (Шенжен): Доминиканска Република, Франција, Германија, Јордан
Група Х (Донгуан): Канада, Сенегал, Литванија, Австралија