Сите наши партнери и сојузници, сите 29 земји членки на НАТО и формално ја прифатија Република Северна Македонија за 30-та земја членка, напиша техничкиот премиер Оливер Спасовски на својот Фејсбук налог по едногласното ратификување на Протоколот во шпанскиот Сенат за членство на земјава во северноатлантската Алијанса.
„Сенатот на Кралството Шпанија само поради оваа причина за прв пат во својата историја гласаше по електронски пат со видео конференција и денеска го ратификуваше Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. Ова е голем ден за честитки и за признанија, дури и во овие денови на сериозни и тешки предизвици. Ова е голем македонски успех на нашата генерација во име на сите претходни и во име на идните поколенија“, нагласи Спасовски.