Европската комисија повика над 200 служби за собирање крв низ Европската Унија (ЕУ) да аплицираат за финансирање за набавка на опрема за плазмафереза, постапка за земање на крвна плазма од оздравени дарители што подоцна се користи за третман на пациенти со Ковид-19. Апелот е во насока на прибирање на резерви како поддршка на лекувањето на лицата со коронавирус.
Лекувањето се состои од трансфузија на рековалесцентна плазма кај болни пациенти за да се зголеми имунитетот и способноста за борба против болеста. Трансфузијата на плазма се користи и за прочистување на антитела во третманите против Ковид-19 (имуноглобулин) како краткорочна алтернатива на вакцините.
„Реконвалесцентната плазма може да биде ветувачки третман за Ковид-19. Со денешното финансирање, направивме чекор напред во собирање на плазма и ги повикувам сите релевантни чинители да го искористат ова. Ние ќе продолжиме да ги истражуваме сите можни опции за поддршка на развојот и пристапот до безбедни и ефикасни третмани на Ковид-19 за заштита на нашите граѓани“, изјави комесарката за здравство, Стела Киријакидес.
Претставници на Комисијата наведуваат дека овие грантови ќе бидат достапни за јавни и невладини организации за собирање крв, овластени за собирање плазма.