Фудбалската репрезентација на Данска се пласира во полуфинале на Европското првенство по триумфот попладнево во Баку над селекцијата на Чешка со 2:1. За Данците ова ќе биде трето полуфинале во историја, прво по сензационалниот триумф на турнирот во 1992 година на кој настапија наместо поранешна Југославија, а на крајот успеаја да го понесат и трофејот.
Стрелци за Данска беа Томас Дилејни во петтата минута и Каспер Долберг во 42-та минута, додека единствениот за Чесите беше дело на Патрик Шик во 49-та минута. Меѓу позабележителните ликови во данскиот состав, секако, е голманот Каспер Шмајхел кој имаше неколку извонредни интервенции во второто полувреме.
Данска во полуфиналето ќе игра со победникот од мечот меѓу Украина и Англија. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Шпанија и Италија. „Црвена фурија“ во четврт-финалето ја елиминира Швајцарија по подобро изведување на пенали, додека „азурите“ синоќа во Минхен ја совладаа Белгија со 2:1.