Во очекување на формирањето на новиот владин кабинет и на интензивирање на комуникацијата со Бугарија со цел деблокирање на европскиот пат на земјава, Париз упати порака дека Скопје и Тирана не треба да се одвојуваат на нивниот пат кон интеграцијата во ЕУ. Од Софија, пак, не стивнуваат реакциите по „предлогот“ на лидерот на партијата „Има таков народ“ (ИТН), Слави Трифонов за врзување на стартот на преговорите на С. Македонија со Унијата со укинување на визите за влез на бугарските граѓани во САД и прием на Бугарија во Шенген зоната, а во меѓувреме стигна информација дека советничката за надворешна политика на бугарскиот премиер Кирил Петков, Весела Чернева на 2 јануари го посетила Скопје.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на извори во Владата на Бугарија, Чернева била во Скопје по наредба на бугарскиот премиер Петков, со цел да подготви терен за неговата посета на Скопје во текот на јануари.
Посетата на Петков се очекува по изборот на новата Влада во земјава, што според најавите би требало да се случи најдоцна до средината на овој месец.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во понеделникот најави дека земјава очекува конструктивни разговори со новата бугарска Влада и брзо деблокирање на евроинтегративниот процес.
Важно е да се врати довербата и да се разговара за суштинските прашања кои се на маса, порача Османи, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ не е само од интерес за земјава, туку и стратешко геополитичко прашање за Унијата.
Тој најави и конкретизирање на комуникацијата со Франција, како актуелен претседавач со Унијата, по формирањето на новата Влада во земјава.
Откако амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомгартнер, минатиот месец порача дека може да се очекува Париз да преземе чекори за олеснување на дијалогот меѓу Софија и Скопје, се огласи и неговата колешка во Тирана, Елизабет Барсак, која изјави дека Албанија и С. Македонија не треба да се одвојуваат на нивниот пат кон ЕУ.
Во однос на ова прашање, верувам дека треба да ја надминеме идејата дека овие два народа можат да се разделат. Знам дека многумина велат оти овие две земји треба да се раздвојат, бидејќи работите не одат толку добро меѓу Северна Македонија и Бугарија. Ова треба да се надмине и треба да дадеме се од себе за да може двете меѓувладини конференции да се одржат во исто време, изјави француската амбасадорка во Албанија, Барсак во интервју за „Еуроњуз Албанија“, потенцирајќи дека желбата за раздвојување на двете земји доаѓа од „фрустрацијата поради ветото на Бугарија за С. Македонија“.
Изјавата на Берсак следи по новогодишното обраќање на албанскиот премиер Еди Рама до нацијата на 31 декември, во кое најави дека ќе се обиде „да го одвои патот на Албанија од Северна Македонија“, доколку Бугарија опстои на своето вето.
Во меѓувреме во Софија не стивнуваат реакциите по фејсбук-објавите на лидерот на ИТН, Трифонов дека ако „Американците толку многу сакаат С. Македонија да е во ЕУ Унија, тогаш нека направат на граѓаните на Бугарија да не им требаат визи за да одат во Америка, исто како на граѓаните на повеќето земји од Европската Унија“.
Бидејќи сме полноправна членка на ЕУ, Бугарија мора веднаш да стане членка на Шенген зоната. По чекање и чекање и ние треба да бидеме Европејци. Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци, наведе Трифонов, чија партија е членка на новата владина коалиција во Софија.
По реакциите во бугарската јавност на ваквиот став, Трифонов во нова објава на Фејсбук упати „дообјаснување“ кон земјава и кон партнерите на Бугарија во НАТО и ЕУ.
Кон Република Северна Македонија: Вие задолжително треба да ги исполнувате сите точки од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што го потпишавте со Бугарија, вклучително и се што е поврзано со историјата на Бугарија, наведе Трифонов.
Според него, граѓаните на Северна Македонија „треба да си ги признаат историските бугарски корени“.
Кон нашите партнери од НАТО и ЕУ: Штом толку инсистирате ние да ја поддржиме С. Македонија за преговори за членство во ЕУ, постапете партнерски кон нас, штом сакате ние да сме ви партнери – без визи за САД и веднаш во Шенген. Мислам дека сега моето мислење како граѓанин на Бугарија е повеќе од јасно, наведе Трифонов во новата објавата на Фејсбук.
Коалициските партнери на Трифонов, Промената продолжува (ПП), Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Демократска Бугарија (ДБ) веднаш се оградија од неговиот став.
Координаторот на Пратеничката група на Промената продолжува (ПП) во бугарското Собрание, Андреј Ѓуров истакна дека Бугарија има јасен став и стратегија за односите со земјава.
Имаме стратегија како да ги водиме разговорите – да ги водиме многу поинтензивно, на пошироко ниво, а не само во насока на историското минато. Целта е тоа да помогне да ги приближиме нашите позиции во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Ова е ставот на коалицијата и на ПП, изјави Ѓуров, додавајќи дека работите што ги споменува Трифонов не треба да се поврзуваат една со друга, бидејќи „тоа не функционира така на меѓународно ниво“.
Копретседателот на Демократска Бугарија, Атанас Атанасов, изјави дека нештата „не треба да се поставуваат на таков начин“, бидејќи укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД нема никаква врска со приемот на земјава во ЕУ.
Членството на Северна Македонија во ЕУ е важно прашање за Бугарија. Мораме сериозно да го сфатиме ова прашање и да ги заштитиме нашите национални интереси. Да ги спроведеме договорите, рече Атанасов, додавајќи дека Демократска Бугарија не го поддржува предлогот на Трифонов.
Потпретседателот на Собрание на Бугарија и поранешен бугарски министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, кој е член на БСП, исто така се огради од изјавата на Трифонов, посочувајќи дека во коалицискиот договор меѓу четирите партии има јасен став за европската перспектива на Република Северна Македонија.
На изјавите на Трифонов реагираа и пратениците во нашето Собрание по седницата на Националниот совет за евроинтеграции. Претседателот на Советот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски оцени дека е непримерно и недозволиво што Министерството за надворешни работи не реагирало на ставовите на Трифонов.
Недозволиво е да не се реагира на вакви изјави. Да имаше изјава обратно од оваа страна, да речеме претседателот на СДСМ или на ДУИ да имаа ваква навредлива изјава кон Бугарија и бугарскиот народ, бидете убедени дека амбасадорот, кој што за жал го немаме во Софија, односно во случајов претставник на македонската Амбасада, ќе беше повикан и ќе му беше испратена протесна нота од бугарското МНР, изјави Николоски.