Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) нема да учествува во предвидените партиски консултации со новинарските организации за формирање на ад-хок тело кое ќе го мониторира медиумското известување.
Според претседателот на ЗНМ Насер Селмани договорот уште повеќе го партизира медиумскиот систем и токму затоа Здружението нема да дадат легитимитет на таков договор. Тој вели дека ЗНМ и понатаму ќе врши притисок и ќе ги алармира сите меѓународните организации за ситуацијата, меѓутоа, според него, доколку во општеството нема критична маса, не може никој од надвор да наметне стандарди и правила на однесување.
-Сто дена пред избори ќе имаме институции растргнати меѓу партиските интереси и влијание. Ад-хок партиското тело во рамките на Агенцијата на медиуми е неприфатливо за нас. Единствено решение е избор на нов Совет на Агенцијата каде ќе се изберат независни и стручни лица. Затоа ЗНМ нема да учествува во партиските консултации за фомирање на ова тело, затоа што не сакаме да легитимираме неодржливи партиски решенија кои нема да бидат во интерес на новинарите. Секоја друга можност што ќе ја имаме, ќе алармираме и ќе ја информираме јавноста дека тие решенија се неприфатливи, изјави Селмани.
Формирањето на ад-хок тело доаѓа по вчерашниот постигнат партиски договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.
Партиите се договориле ова тело да биде составено од 5 члена, избрани по консултации со релевантните професионални организации.
ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА ќе одберат четири члена, од којшто едниот ќе биде Албанец, а избраните четврорица, ќе имаат 15 дена со консензус да го одберат петтиот член.
Телото треба да се формира 30 дена по вчера постигнатиот договор. Ќе функционира до завршувањето на изборниот процес и ќе врши проценка на балансираното известување.
Првиот прекршок што ќе го регистрира ад-хок телото, ќе биде санкциониран со предупредување, а евентуалниот втор сноси парични казни.
Според договорот, иту еден новинар или медиум нема да биде казнуван за искажување на свое мислење, кое пак, според договореното, треба да се разликува од пласирање на информација.
Во делот за медиумите од Договорот исто така се предвидува најголемата опозициска партија да номинира уредник на информативната редакција на МРТВ од експерти на ова поле, кој ќе биде на функцијата сто дена пред избори.
-Апсурдно е решението за МРТВ, партискито уредник на власта, ќе се замени со партискиот послушник од опозицијата. Со тоа уште повеќе ќе се засилува партискиот притисок врз МРТ кој место сервис на граѓаните, ќе биде заложник на партиските интереси. Ако сакаме независен и професионален јавен сервис, раководните структури на МРТ треба да се департизираат и да се обезбеди независен и одржлив извор на финансирање, вели Селмани.
Според ЗНМ, очигледно е дека кај потписниците на Пржино нема партиска волја за вистинските реформи во медиумите.
Оттаму велат дека граѓаните ќе имаат можност на избори да ги санкционираат овие партии кои, според ЗНМ, сакаат да ги користат медиумите како пропагандна машинерија.