Фудбалската репрезентација на Македонија се комплетира во базата во Скопје и од утре ќе работи во полн состав за дуелот со Шпанија во квалификациите за СП 2018. Вечерва пристигна и голманот Столе Димитриевски од Гимнастик кој единствен недостасуваше на првиот тренинг. Сите останати се појавија во текот на денот и работеа доцна попладнево на комплексот „Петар Милошевски“ во рамки на Фудбалската федерација на Македонија.
Селекторот Игор Ангеловски е задоволен од клупските перформанси на репрезентативците. Несторовски е во страшна гол форма во дресот на Палермо во Серија А, истото важи и за Алиоски во швајцарски Лугано, Жута и Ристовски во континуитет добри во Риека. Сè уште се свежи спомените од Италија, од одличното второ полувреме, од двата гола што ги прими Буфон. Фудбалерите се свесни со кого ќе имаат работа во сабта во Гранада, но посакуваат реприза од 9 октомври во Скопје. Заеднички за нив е пораката – „кога можевме со Италија, зошто да не одиграме добро и против Шпанија“. И што е најважно, нема повредени меѓу повиканите.

Она што го разликува последниот дуел од претстојниот се играчите кои конкурираат, прво, за место во официјалниот записник, потоа и за место во почетниот состав. Осум се младинци (Алексовски, Зајков, Велковски, Барди, Бабунски, Ѓорѓев, Николов, Маркоски), осум доаѓаат од селекцијата чиј пласман на ЕП 2017 во Полска ќе биде запишан во аналите на македонскиот фудбал како историски. Што се вели сè уште им врие крвта, сè уште ги држи подвигот што го направија, а сега треба да го преточат и меѓу сениорите за дополнително да го „растресат“ нивниот дух што, се чини, е во фаза на будење.
„Најпрво да изразам задоволство што повторно сум дел од сениорската репрезентација. Посакувам со колегите од младата селекција да го пренесеме тој победнички дух што нè водеше низ квалификациите за европското првенство и меѓу повозрасните. По природа сум оптимист. Долги години од кариерата мминав во Шпанија. Ги знам нивните фудбалери и можам да кажам дека се екстра класа. Но, исто така, можа да кажам дека квалитет поседуваме и ние за играње против секого. Против Италија во Скопје покажавме, зошто не и против Шпанија во Гранада“, рече Давид Бабунски.
Македонската репрезентација ќе остане во Скопје во наредните два дена. Кон Шпанија ќе се упати во четврток, дуелот со „фуријата“ е во сабота на стадионот „Лос Карменес“ со почеток во 20.45 часот.