Најмалку едно лице загина откако поради истекување на гас дојде до експлозија што предизвика уривање на неколку згради на Сицилија, соопштија утринава италијанските служби за итни случаи, јавува агенцијата ДПА.

„Едно тело беше извлечено од урнатините, додека две жени се спасени, а уште осум лица се водат како исчезнати“, соопшти единицата за цивилна заштита на Сицилија (DRPC Sicilia) утринава, нешто пред 5 часот.

„Голем број згради“ се урнаа по експлозијата што се случи синоќа околу 20:30 часот во Равануса, град на околу 110 километри југоисточно од Палермо, соопшти ДРПЦ Сицилија.

Според агенција АНСА, три згради се урнале, а уште три се оштетени. Пожарникари за италијанската агенција кажаа дека истекување на гас е „многу веројатно“ причината за експлозијата.

Експлозијата можеби е предизвикана од активирање на лифт. Во наредните денови ќе истражуваме дополнително, но она што е сигурно е дека таквата експлозија е исклучителен настан, изјави команднатот на  противпожарната бригада на Агриџенто, Џузепе Мерендино за АНСА.

АНСА, цитирајќи ја цивилната заштита, пренесе дека меѓу исчезнатите има и две деца и една трудница која требала да се породи во среда.