Токму така завршија повеќето други пандемии со респираторни вируси. Тие се шират како оган и потоа, на крајот, повеќето луѓе или се вакцинираат или се заразиле и кога населението го достигнува колективниот имунитет, пандемијата завршува, вели во интервјуто за НоваТВ проф.д-р Драган Даниловски, епидемиолог.

Во оваа ендемична фаза, вирусот ковид-19 веќе ја постигна својата цел да воспостави рамнотежа со својот домаќин – луѓето. Може лесно да се шири меѓу домаќините, но контрапродуктивно му е да ги убива, па затоа (ќе) живее меѓу нив. Вирусот има мутирано до тој степен што сега избира да живее меѓу нас, без да предизвика многу проблеми. За возврат, треба да научиме да живееме со него, како да е само уште една обична настинка. Било каква варијанта на САРС-КоВ-2 да се појави во иднина, веќе постои базична заштита кај светската популација. Повторно пандемиско ширење не би требало веќе да е можно, вели во интервјуто за НоваТВ проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика во Скопје.

Веќе постојат четири коронавируси кои циркулираат меѓу нас со децении и предизвикуваат благи симптоми слични на обичната настинка. Во одреден момент во историјата, овие коронавируси, можно е, хипотетички, да беснееле низ светската популација, како што тоа моментално го прави САРС-КоВ-2, но со зголемување на бројот на заразени – и со тоа, заштитени лица, овие вируси станале ендемични и среќни да предизвикуваат инфекции таму каде што можеле – меѓу ранливите луѓе со ослабен имунолошки систем, вели д-р Даниловски.

НоваТВ: И во претходното интервју што го дадовте кон крајот на минатата година за НоваТВ, професоре Даниловски, навестивте стивнување на пандемијата со ковид-19 и еве, тоа како и да се остварува… кај нас дневно има по помалку од 100 новозаразени со вирусот. Дали по повеќе од две години конечно ќе се спасиме? 

– Да, јас тоа го навестив на почетокот на декември 2021, само десетина дена откако Јужна Африка го алармираше светот за појавата на варијантата омикрон. Кога во ноември 2021 година првпат беше идентификувана генетската секвенца на оваа варијанта, веднаш се помисли дека омикрон може да претставува проблем.

Прво, имаше огромен број нови мутации – според некои автори, дури 53, од кои 29 на протеинот на шилецот. Второ, новата верзија на вирусот САРС-КоВ-2 како да се појави од никаде, непредвидливо и без очигледна врска со претходните варијанти. Меѓутоа, се покажа дека омикрон има своја „Ахилова петица“. За луѓето кои се вакцинирани или кои биле изложени на неговите претходници, оваа варијанта, генерално, не предизвикува тешка клиничка слика. Иако сè уште може да биде опасна за луѓето кои се невакцинирани или имаат хронични здравствени состојби што ги прават поранливи на ефектите на ковид-19, сепак, ова за вакцинираните и прележаните беше трошка надеж.

Релативно благиот ефект на омикрон врз вакцинираните и прележаните (или комбинирано) – болно грло, симптоми слични на грип или настинка или дури отсуството на забележливи симптоми – од многумина беше протолкувано како знак дека САРС-КоВ-2 можеби го достигнува крајот на својата инвазија. Штом омикрон не е толку вирулентен, значи дека вирусот веројатно слабее. Ако повеќе вакцинирани луѓе се заразат со омикрон и развијат имунитет – или обратно, таа заштита, комбинирана со заштитата што некои луѓе можеби ја имаат од заразување со претходни варијанти, би можела да го достигне магичниот праг на колективниот  имунитет – за кој експертите велат дека за омикрон треба да биде 94 отсто – што конечно би го довело САРС-КоВ-2 до пораз.

Според некои модели, со зголемување на бројот на имуни лица (со заразување или вакцинирање), вирусите, генерално, почнуваат да стивнуваат – вирусите на грипот се добар пример – а оптимистичките модели покажуваат дека по врвот на бројот на случаи на крајот на јануари и почетокот на февруари, САРС-КоВ-2 го следи тој пат. Според таа претпоставка, ковид-19 ја започнува својата транзиција од пандемична во ендемична болест, што ќе биде ограничена на џебови на епидемии што ќе избиваат меѓу имунокомпромитирани или неимуни популации, како што се децата – но ќе биде можно да се контролираат, бидејќи повеќето луѓе би биле заштитени од најлошите ефекти на вирусот.

Вирусите мутираат секогаш кога прават копии од себе, станувајќи повеќе или помалку инфективни или повеќе или помалку штетни за нивните домаќини. За вирус што се менува, важна е рамнотежата; да ги најде вистинските мутации, кои ќе му овозможат да стане поефикасен во ширењето од еден домаќин на друг, а притоа да не предизвика премногу тешка болест што ќе предизвика смрт на домаќинот. Премногу тешко болен или мртов домаќин нема да му помогне на вирусот да продолжи да се шири.

Вирусите имаат единствена цел – да опстанат. Вирусот не може ниту сам да се репродуцира и треба да ја позајми репродуктивната машинерија на клетките од оние што ги инфицира. Значи, кога генетската мутација ќе го направи вирусот повешт да се шири од еден домаќин на друг, секој нов домаќин е нова фабрика за производство на вируси. Исто така, тоа покажува дека вирусот ја претпочита преносливоста пред вирулентноста; во најдобар негов интерес е побрзо да се шири и реплицира, наместо да предизвикува смрт на домаќинот.

Омикрон е совршен пример за таа стратегија. Неговите бројни мутации ја направија варијантата барем неколку пати попренослива од претходната, делта, која веќе беше двојно попренослива од оригиналната верзија на вирусот. Таквата висока преносливост доведе до брза доминација на омикрон низ целиот свет – заменувајќи ја делта за само околу два месеци. Има и други докази кои сугерираат дека високата преносливост на омикрон го најавува крајот на САРС-КоВ-2. Додека сите претходни варијанти на вирусот имаа афинитет да ги инфицираат клетките во долниот респираторен тракт, белите дробови, омикрон има тенденција да ги инфицира клетките во горниот респираторен тракт. Тоа е причината зошто личи повеќе на обична настинка и може да објасни зошто, барем  кај имуните лицаомикрон претежно предизвикува поблаги симптоми од претходните варијанти. Првите варијанти на САРС-КоВ-2 имаа тенденција да предизвикаат феномен наречен клеточна фузија, во која вирусот инфицира една клетка, а потоа кооптира други вируси кои инфицирале други клетки, за да се фузираат во голема вирусна маса и да направат поголема машина за производство на вируси. Тоа е добро за вирусот, но лошо за пациентот, бидејќи може да предизвика воспаление, кое пак може да ги уништи клетките и ткивата; таквото воспаление е белег на доцната, тешка болест. Омикрон не доведува до такво фузирање на клетките и затоа предизвикува помало нивно оштетување, што делумно може да објасни, барем кај имунизираните луѓе, зошто оние што се заразени со омикрон имаат тенденција да не развијат тешки симптоми. Неодамнешните податоци од  Обединетото Кралство покажуваат дека вакцинираните лица заразени со омикрон имаат две третини помала веројатност за хоспитализација од вакцинираните лица заразени со делта. Тоа не значи крај на вирусот САРС-КоВ-2, но го сигнализира крајот на неговата пандемична фаза. Потоа, ковид-19 би требало да премине во ендемична фаза, во која ќе учиме да живееме со вирус, кој веќе научил да живее со нас.

НоваТВ: Треба ли да нѐ загрижи веста дека во Пекинг поради ширењето на ковид-19 се затворени продавници, а во изолација се станбени блокови. Во Шангај веќе месец дена на сила се драконски рестриктивни мерки. Може ли повторно сѐ да почне од почеток? 

– Во епидемиологијата на заразните болести познато е дека премногу долги, строги рестрикции при пандемија на респираторни вируси се бесмислени и осудени на пропаст. Произведуваат само непотребни последици врз стопанството, но и врз социјалната и менталната благосостојба. Тие имаат смисла само ако се краткотрајни и применети во крајна нужда, за да се забави брзината на ширење на вирусот, а со цел да не се претрупа здравствениот систем. Пример за тоа е сезонскиот грип. Секоја година во светот умираат илјадници луѓе, па никој не спроведува строги рестрикции („локдауни“). Ниту некој спроведува следење на контактите. Едноставно, на оние со симптоми им се препорачува да се изолираат.

Кина не се откажа од спроведувањето на стратегијата на „нулта ковид толеранција“. Во почетокот, кога беше актуелен оригиналниот, „вухански“ сој на вирусот, а и потоа, во време на доминацијата на делта, очигледно беше можно да се одржува контролата со ригорозните рестриктивни мерки. Меѓутоа, со појавата на омикрон, тоа е невозможно да се постигне, заради неговата исклучително висока заразност. И додека Западот увиде дека единственото решение е да научиме да живееме со вирусот и да се потпреме на „супер имунитетот“ ( кој стана супститут за колективниот имунитет), а при тоа да ги штитиме ризичните групи, во Кина тоа не е случај. Кај нив е проблем што е многу мала имунизираноста, особено кај постарите возрасни групи. Постарите граѓани едноставно изгубија интерес да се вакцинираат – пред сѐ, со трета („бустер“) доза, токму заради драконските рестриктивни мерки. Од друга страна, нивните вакцини, се покажа, не можат да се „носат“ со омикрон. И така, сега, се соочуваат со ситуација, кога заради долготрајните „локдауни“, сѐ повеќе се јавува незадоволство и протести на населението, а веројатно ќе почне да трпи и стопанството. Можното решение лежи во постепено релаксирање на мерките, со истовремено форсирање на вакцинацијата, но овојпат, со некоја од западните мРНК вакцини. Впрочем, и СЗО неодамна ѝ препорача на Кина дека е невозможно да опстојат предолго на нултата ковид-стратегија.

Конкретниот одговор на вашето прашање „има ли простор за загриженост дека повторно може сѐ да почне од почеток“ е: Не, тоа веќе не е можно. Дури ни во Кина. Имаат тие, сепак, огромен капацитет да се справат со предизвикот.

НоваТВ: Kако нашата државата се справи со пандемијата на ковид-19? Меѓу земјите сме со висока стапка на смртност од ковид-19, од  компликации на болеста починаа околу 9.000 лица. 

– Ние само на почетокот спроведовме успешен карантин („локдаун“) во Дебар. И веднаш потоа го изгубивме здивот. Mерките во најголем дел беа или несоодветни и стручно нелогични или премногу задоцнети. Стана јасно дека политиката има големо влијание врз одлуките. Од  друга страна, се покажа дека здравствениот систем нема доволен капацитет ниту да ги спроведе мерките, ниту да ги контролира. Заради недовербата на граѓаните во институциите, секоја мерка беше  дочекувана со револт и гнев. Тоа претставуваше плодно тло за ширење на теории на заговор, што дополнително ја комплицираше состојбата. Кога почнаа бројките нагло да растат и кога почнаа да се преполнуваат болниците, почнаа да се прогласуваат за ковид центри и клиники кои немаат никаква врска со третман на инфектолошки заболувања. Многу брзо се надмина капацитетот и на дијагностичките лаборатории, заради што се чекаше и по 7-10 дена за ПЦР тест! Се почувствува недостиг на здравствен кадар – доктори, особено сестри, болничари, кои ионака недостасуваа.

Од друга страна, до ден-денешен не се донесоа упатства (протоколи) за лекување на ковид болни на сите нивоа, кои би биле законска обврска за докторите! Што значи, за нивно неприменување да се одговара кривично! Во таква ситуација, методот на лекување беше (најчесто) метод на импровизација! Белег на пандемијата кај нас ќе остане – и сѐ уште е – масовната употреба на антибиотиците на сите нивоа на здравствената заштита! Се покажа и дека постои слаба обученост за примена на апарати за кислородна поддршка. Во една таква ситуација, голем број граѓани спасот го бараа во приватното здравство. 

Државата не ги направи подеднакво достапни здравствените услуги за ковид пациентите во државното и приватното здравство – на товар на ФЗО. Тие што можеа да си дозволат, се лекуваа во приватните болници. Оние другите, пак, беа оставени на (не)милост на потклекнатиот државен здравствен систем. Останаа да функционираат два паралелни здравствени системи. Тоа резултираше со одлив на огромни средства во приватни џебови. Последиците беа: непотребно висока смртност од ковид и пораст на бројот на болни со други заболувања, кои не можеа да добијат навремени услуги заради преоптоварениот здравствен систем. 

Инаку, буквално целиот свет не се снајде во пандемијава, помалку или повеќе. Богатите земји, сепак, лошиот кризен менаџмент го компензираа со високиот капацитет на здравствените системи. 

НоваТВ: Колку ние тука во Македонија научивме од оваа пандемија? Станавме ли барем малку подобри, поттикна ли ковид-19 поголема емпатија, сфативме ли колку семејството е важно? Но и дека рацете треба почесто да ги миеме и да носиме маска за обична настинка? 

– Се наоѓаме во епилогот на пандемијава, по повеќе од две години  долга голгота. Луѓето предолго беа очајни, одделени од своите најблиски во болниците или дома во изолација. Во моменти на егзистенцијална опасност, нормално би било инстинктивно да посакаат да бидат до семејството. Но, дали тоа беше баш така кај нас? Пандемијата ни разоткри една сурова вистина: Ако сме биле приврзани со семејството, зошто покажавме толку малку грижа за своите ближни? Од каде толкаво отсуство на емпатија за своите ближни – не само за своите блиски? И уште нешто, суштествено за опстанок на заедницата – од каде толкаво отсуство на чувство за заедништво, за заеднички интерес?

Ме прашувате за миењето раце и носењето маска кога имаме и обична настинка. Не, кај огромното мнозинство свесноста за тоа не постоеше ниту пред пандемијата. Не постои ниту сега. Исклучок е мал дел од населението, граѓани со повисоко ниво на здравствена и општа култура, нагласува д-р Даниловски. 

НоваТВ: Според нискиот број на заразени и на заболени кај нас, но и во регионот и во поголемиот дел од светот, вирусот е значително ослабнат, но луѓе сепак сѐ уште умираат од компликации, во Црна Гора неодамна почина 17-годишно момче. Се потценуваат ли симптомите и по две години борба против вирусот ?   

 – Кај нас смртноста од ковид-19 не се должи само на лошото функционирање на системот. Значаен фактор е и катастрофалната општа здравствена состојба на населението. Луѓето имаат ниска  здравствена култура, исхраната е нездрава, лошите животни навики имаат епидемиски размери. Сигурно удел имаат и одредени скриени генетски дефекти, заради кои имунолошката одбрана на организмот при инфекции е компромитирана. Но, кај голем дел од населението – особено кај помладите – постои потценувачки однос кон ковидот, кој, за жал, не мора секогаш да предизвикува лесни симптоми. Како и да е, лошите исходи кај помладите се неспоредливо поретки, во споредба со постарите лица и хронично болните. Тие остануваат најризични групи и понатаму.

НоваТВ: Ќе остане ли имунизацијата против ковид-19 најмоќното оружје во борбата против инфекција со овој вирус? Колку граѓани проценувате дека го прележаа ковид-19? Официјално, бројката на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 310.859. 

– Имунизацијата останува најмоќното оружје во борбата со било кој инфективен агенс. Но, дефинитивно не и единствено. Без специфична терапија борбата би била половична. Затоа, напорите одеа паралелно на два фронта – пронаоѓање на вакцини и на лекови. Прва генерација вакцини добивме. Останува тие да се унапредуваат и адаптираат на евентуално појавени нови варијанти на вирусот. Од друга страна, појавата на лекот Паксловир (Paxlovir) на Фајзер сигурно претставува најзначаен чекор досега во доменот на специфичната терапија, зашто нуди заштита од 89 отство од симптоматска болест и 100 отсто од смрт. Веќе е одобрен за употреба во САД и Европа за оние заразени ризични лица, за кои се претпоставува дека ќе развијат тешки симптоми, заради постоење на компромитиран имунолошки систем и тешки коморбидитети. Неопходно е да се одобри и кај нас, што побрзо.

Мислам дека не е реално да се очекува враќање на пандемијата било каде, па и кај нас. Иако со две дози се вакцинирани само 46,5 проценти, а со трета 8,4 отсто од граѓаните, огромен дел го имаат и прележано ковидот, некои дури и 2-3 пати. Затоа, вкупната стапка на имуни лица се проценува на преку 90 отсто или преку 1,6 милиони луѓе. Приближно 94 отсто од луѓето мора да бидат имуни, за да се постигне колективен имунитет, при кој успешно ќе се запре пренесувањето, односно, ќе се сведе на појава на спорадични  случаиТака би било кога ќе имаме околу 25 случаи дневно. Сега имаме просечно под 80, по благиот пораст заради празниците. Летово би требало да го достигнеме нивото на спорадично јавување. Целата „приказна“ може малку да се оддолжи, ако навлезат варијантите БА.4 и БА.5. Наесен можеме да очекуваме сезонско зголемување на бројките, сосема аналогно како со грипот и настинките. Во моментов, кај нас циркулираат само варијантите БА.1 и БА.2, како доминантен сој.

НоваТВ: Професоре Даниловски, Вие сте епидемиолог, а бевте и министер за здравство. Може ли со парите што се собираат во Фондот за здравство од осигурениците да се воспостави квалитетен здравствен систем?  

– Секој период од професионалниот живот носи свои предизвици. Мојата професионална мисија беше примарно наставна – идните доктори по медицина да научат епидемиолошки да мислат. Зошто? Затоа што, ако епидемиологијата се дефинира и како медицинска екологија, тогаш, сите болести и нарушувања на здравјето може да се набљудуваат како последица на недоволната адаптација на човекот кон средината и одделните фактори на ризик за болести и нарушувања на здравјето. Идните специјалисти по епидемиологија требаше да научат како да се справат со масовни здравствени проблеми – како да ги превенираат, односно сузбијат. Идните доктори на науки требаше да ги научат принципите на научно-истражувачката работа. И сите три категории слушатели да ги совладаат статистичките методи, како основна алатка на епидемиологијата како струка и наука.

Бидејќи епидемиолошките принципи и методи имаат примена и во здравствениот менаџмент (јас имав таков изборен предмет), поканата да го водам Министерството за здравство ја доживеав како шанса да се обидам да внесам малку „наука“ во менаџирањето со здравствениот систем. Колку успеав, треба да кажат други. 

Инаку, со парите кои се собираат од осигурениците секоја година во Фондот за здравствено осигурување, имајќи предвид колкав е товарот со болести на населението, тврдев и тврдам, би можело да се воспостави одржлив и квалитетен здравствен систем на европско ниво. Но, само под услов здравствениот менаџмент да се потпира на научни принципи и само ако во центарот на здравствениот систем биде интересот на граѓанинот, пациентот – тој да биде хуманоцентричен!

НоваТВ: Дали оваа пандемија беше најголем професионален предизвик во Вашата богата кариера? Повеќе од две години Вие бевте речиси постојано на располагање на јавноста – информиравте, советувавте, несебично ги споделувавте сознанијата за коронавирусот заедно со уште неколку Ваши колеги, иако некогаш бевте и „на удар“ поради Вашите ставови?  

– Ќе употребам една аналогија. Секој генерал сонува да учествува во војна, за да ги испроба своите способности. Пандемијава не е единствен, но дефинитивно е мој најголем професионален предизвик. Особено што јас се вклучив сосема доброволно. Кај нас, за жал, Институтот за епидемиологија при Медицинскиот факултет со закон не е предвиден да е дел од јавно-здравствената мрежа, а со тоа не учествува рутински во теренско-епидемиолошките активности. Министерството може да побара помош од факултетот, но не мора. Кога почна пандемијата, јас самоиницијативно се вклучив со јавни настапи, анализи. Иако не бев член на Комисијата за заразни болести, министерот Филипче често ме консултираше, ама неформално. Социјалните мрежи во голема мера послужија како медиум за комуникација со јавноста, покрај другите печатени и електронски медиуми. Среќен сум што не бев сам. Несебично се даваа и други мои колеги, особено професорот Никола Пановски, потоа професорот Нико Беќаровски. Имам впечаток како да послуживме како еден вид коректив во заедничката борба со вирусот, но и како поткрепа на обичниот човек, на кој како да му недостигаа доволно информации од институциите на системот. По повеќе од две години, судот на јавноста е најрелевантен да пресуди колку сме биле успешни во самонаметнатата мисија.

Јас од самиот почеток инсистирав во јавноста дека функционирам автономно, како член на универзитетската заедница, волонтерски и безусловно, без било каква политичка заднина или некакви лукративни мотиви. Едноставно, ако чувствувате дека можете да помогнете во општата несреќа, кукавички е да молчите! И се трудев максимално, во рамките на своите скромни можности. Интересно е што никогаш не се случи да бидам критикуван од колеги експерти, туку од некои сосема други, дефинитивно, лаици за епидемиологија. Но, времето си покажа кој бил во право. Не можам да не го спомнам и „говорот на омраза“ по социјалните мрежи. Знаете, кога човек не е во состојба аргументирано да критикува, а истовремено е исплашен и несигурен, посегнува кон лични навреди и многу често – закани. Не можам да замерам на тие луѓе, ги разбирам.

НоваТВ: Дали со овој ангажман, информирањето на јавноста за ковид-19, чувствувате дека комплетно сте ја заокружиле својата професионална кариера, особено што Вие како епидемиолог не работите директно со пациентите?   

– Јас само знам дека тоа го правев (и сѐ уште го правам) најдобро што можам. Ретко се случило да одбијам новинар и тоа било само заради преголема оптовареност. Не знам зошто би требало да се чувствувам дека со тоа сум ја заокружил кариерата. Искуството со пандемијата на ковид-19 се случи сосема ненадејно, но се надевам дека сиот мој труд не беше залуден. Јас повеќе од две години буквално едвај сон имав. Илјадници граѓани ми се беа обратиле за совет – не само на социјалните мрежи, туку и со приватни јавувања – и се трудев никому да не му биде ускратен одговор. Иако  комплетно го запоставив семејството – но и себеси лично – имав и имам безгранична поддршка и разбирање од сопругата. Јас и моите колеги епидемиолози ширум Македонија – сите, без исклучок, мои бивши студенти – се надевам, успеавме во таа мисија. Пред сѐ, епидемиолозите на терен, тие што беа во првите борбени редови. Во оваа прилика, им изразувам длабоко признание што издржаа во „бдеењето“ толку долго!

Љубица Балабан