Интервју со Никица Корубин, магистер по археологија и историја на уметност и поранешен пратеник во Собранието на Република С. Македонија

Нова ТВ: Корубин излеговте со став околу предложената Резолуција, како заеднички македонски одговор на бугарската позиција. Што е она што најмногу ви посмета во овој документ што ќе се најде и пред пратениците на усвојување?

Корубин: Постојат повеќе проблематични аспекти со самата резолуција, но основниот е постоење на документ кој треба да дефинира што е тоа идентитет и притоа тоа го правиме самите за себе. Не знаеме што е нашиот идентитет? – На страна што идентитетот воопшто не е политичка категорија, па да се врамува во резолуции, манифести, меморандуми. Кој е автор на оваа резолуција? – Дали е тоа истиот „македонски манифест“, произлезен од чудната и апсурдна симбиоза на научни и религиозни институции? – Ама, всушност и не е произлезен од самите институции, туку од нивните први лица. Дали е тоа првата институционална злоупотреба, која само се прелева, на главната институционална злоупотреба, Собранието? – Собранието е само формата за озаконување на ретроградни идеи, на непочитување и прекршување на Уставот и на бруталната власт на партиите, т.н. партократија, кои се водат исклучиво од популистички и лукративни цели. И наместо сериозна дебата за надминување на проблемот, но и за изворот на проблемот, проблемот се бајпасира со готов документ, во чие составување, Собранието воопшто и не учествувало, ама треба да го донесе. Формално. И на крајот, уште еднаш на површина излегува фрапантното неразбирање и разграничување на „политичкото“ од „историското“. Државата се занимава само со политичкото, па така политичкиот термин „нација“ не опфаќа само еден етникум, како што се инсистира во оваа резолуција. Што треба да прават со оваа Резолуција албанските пратеници или пратеници од други етникуми, во политичка смисла? – Ова за мене е обид да се замрзне ситуацијата на оваа неодржливост, со неможност за решавање на постоечките проблеми. Кому тоа одговара, тоа е вистинското прашање.

Нова ТВ: Деновиве во и околу нашата земја, имаше многу случувања со меѓународен предзнак. На сите тие без исклучок, беше апострофирана поддршката за нашите евроинтеграции и осуда на бугарското вето. Во перспектива, гледате ли разврска на овој јазол?

Корубин: Не е проблем поддршката за нашите евроинтеграции, таа ја имаме и таа е непроменета со години, и од членките на ЕУ и од САД. Проблемот е како ние ги замислуваме тие евроинтеграции, односно како ги замислува политичкиот естаблишмент. Тука е главниот проблем на нашето неразбирање, што ни се случува, со активирање на нашиот „себесожалувачки“ механизам. По 30 години на независност, ние сè уште имаме нефункционална држава во смисла на независни и професионални институции и владеење на правото. Имаме неправедно општество, по многу основи. Дали за тоа е виновна Бугарија? – Или пред тоа Грција? – Или дали е виновна ЕУ? – Не, вината е кај нас. И таа е повеќеслојна. Ние имаме крајно приземен начин на разбирање и практикување на политика. Имаме „заробена држава“ од бруталната партократија, каде секоја со Устав предвидена институционалност е обична алатка во рацете на политичките партии или мал број на влијателни луѓе кај нив, но и во општеството. Имаме интересни кланови, по разни основи, кои се помоќни од било која институција и кои нè држат во статус кво ситуација. На сите ним не им треба ЕУ и правилата и стандардите на цивилизираниот свет. Нив им треба токму овој хаотичен, обесмислен анти-систем, со формални рамки на држава за да продолжат да ги држат сите стекнати, наследени и приграбени позиции. ЕУ им треба на граѓаните. Мислам дека со членството во НАТО и со точката од која нема враќање, а тоа е отпочнување на преговорите со ЕУ, се разголеа сите прикриени проблеми. Ние ја живееме кризата на опстанок, на ваквите партии, кои не ги исполнуваат договорите и итромански глумат промени, кои се далеку од суштински, ја живееме кризата на неминовната трансформација на општеството. Сметам, дека голем удел во проблемот со Бугарија, покрај одредени нивни ригидни и непотребни ставови, има и нашето недоследно почитување и исполнување на обврските од договорот како сериозна држава.

Нова ТВ: САД и забележаа на Европа дека е неодлучна и неконзистентна, побара што побрзо да се случат меѓувладините конференции со Македонија и со Албанија. Мислите дека ЕУ ја прими пораката од ,,преку океанот“ онака како што е испорачана?

Корубин: Да, механизмот на ЕУ е сложен и делува дека е неконзистентна, со консезуалното одлучување. Но, сепак ние сме тие што бараме членство во таков сојуз, затоа што подобар механизам на функционирање сè уште не постои. Таа позиција треба да ја разбереме, ослободени од емоции и некаков национален занес, кој никако не кореспондира со нашата реална позиција. САД се големи поддржувачи на Северна Македонија, но на Северна Македонија како европска држава, со функционален систем и перспектива. Не може ние да си бираме што нѝ одговара во односите со државите, тоа е инфантилно и незрело. Со поддршката, доаѓаат и обврските. А, тука на сцена стапува нашата „итарпејовска“ логика, каде наместо доследно да градиме функционален и професионален систем, ние бараме начин како некого да изиграме, како да не ги почитуваме правилата. И тоа се случува и внатре кон сопствените граѓани и надвор кон другите држави. На крајот, со или без ЕУ, Бугарија е нашиот прв сосед. Па, утре и како членка на ЕУ, нашиот живот и комуникација, ќе се одвива токму со најблиските соседи. Ако сакаме да нè разберат, мораме и другите да ги разбереме. Мораме да комуницираме со бугарското општество,
секако живееме едни до други. Без предрасуди и хипотеки.

Нова ТВ: Наесен не очекува пописот и локалните избори, сето ова ,,зачинето“ со можноста од повторно разгорување на Корона кризата, тука се и реформите. Дали сметате дека партиите ќе имаат доволно сенс за политичкиот и здравствениот момент во кој се наоѓа Р.С Македонија и така да ги дизајнираат своите пораки до јавноста? 

Корубин: Дека партиите немаат никаков, а не доволен сенс, за ништо освен за некаква пропагандно-
популистичка логика на „освојување“ на власт, каде буквално ја земаат во посед државата заедно со нас
граѓаните, се покажа на ланските парламентарни избори. И покрај јасните и строги препораки и на ЕУ и на Советот на Европа, дека вонредната состојба не смее да се злоупотребува за ништо друго освен за
здравствената криза и менаџирање со истата, ние имавме ситуација на наменско темпирање на
времетраењето на вонредната состојба за да се „погоди“ датумот на изборите, договорен на пара-
правните лидерски средби. На страна што остана огромна правна празнина со вонредните состојби, што
може да претставува опасен правен преседан. Не знам како ќе се менаџираат две големи операции,
како што се пописот и локалните избори, но знам дека партиите со консензус, свесно, ја предизвикаа таа ситуација. Затоа што во паралелниот свет, партиската логика, не е иста со онаа на граѓаните. Сепак тие се власта која одлучува за своите граѓани, кои секако се прилично игнорирани, вклучително и нивните вистински интереси и потреби од реалниот живот, надвор од партиската визура. Токму затоа пораките на партиите изгледаат толку оттуѓено и апсурдно.

Нова ТВ: Како млад човек и поранешен пратеник, што ѝ недостасува на земјава за младите луѓе да сакаат да останат, а не да сакаат да заминат од неа?

Корубин: На земјата ѝ недостасува функционалност и јасна перспектива, цел, каде одиме и кога животот ќе биде поднослив и нормален за граѓаните. Јавниот простор и дискурс е заситен од празна, понижувачка и навредливо приземна реторика на партиите кои граѓаните ги третираат како поданици и конзументи, кои требаат само финансиски да се задоволат. Имаме сериозна криза на општеството по многу основи, но главно е целосната недоверба кон институциите на системот, кои се речиси непостоечки во смисла на професионалнот и независност. Бруталната партизација, неказнивоста, недостижноста на индивидуалната правда, личното непочитување, атмосферата на „мои и твои“, молкот на интелектуалците, калкуланството и личниот интерес, ја создаваат апатијата кај сите генерации, но особено кај младите. Не знаеме каков ќе биде одговорот. Оваа криза, можеби ќе помогне за конечно луѓето да сватат, дека многу работи сепак од сите нас зависат. И дека борбата за нормално општество веќе се одвива. Ослободено од сите квалификации и партизации. Широк е просторот на политиката, а таа најмалку се однесува на партиите, од кои беше узурпирана повеќе од 30 години. Време е за ново разбирање на државата.