Австрискиот парламент денеска го укина пратеничкиот имунитет на поранешниот канцелар, Себастијан Курц кој поднесе оставка во октомври по скандалот со корупција.

Курц се повлече од функцијата, откако Обвинителството отвори истрага против него и уште девет лица и три неименувани организации поради сомневања за корупција.

Поранешниот канцелар досега го штитеше пратеничкиот имунитет како член на парламентот и шеф на пратеничката група на конзервативната партија ОВП.

Курц, кој ги отфрла обвинувањата за корупција, претходно и сам порача дека сака да му се укине имунитетот за истрагата да продолжи. Обвинителството, пак, наведе дека во периодот од 2016 до 2018 година, се употребени средства на Министерството за финансии за „финансирање на некои испитувања на јавното мислење и на партиски интереси“.

Многи политички аналитичари сметаат дека Курц, сепак, ќе се обиде да се врати на власт.