Агенцијата за млади и спорт за да го расветли случајот со двете песни со шовинистичка и друга недолична и навредлива содржина кои беа објавени во збирката, а кои предизвикаа револт во јавноста,  ќе формира комисија за утврдување одговорност за членовите на стручната комисија ангажирана за селекција и избор за најдобри авторски дела како дел од конкурсот за реализација на проектот „Млади поети“, а суспендиран е  раководителот на Секторот млади и против него ќе се води дисциплинска постапка.

– Утврдивме дека постоело несовесно, нестручно, непрофесионално работење на неколку чинители кои имале активна улога околу конкурост за издавањето на публикацијата на „Млади поети“. Таквото однесување довело до објавување на содржина која содржи елементи на родова и ентичка дискриминација на што АМС жестоко се противи, изјави директорот на Агенцијата Дарко Каевски на прес конференцијата.

Додаде дека надворешната тричлена комисија составена од Јовица Иванов како претседател и Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчоски како членови, имала обврска да изврши селекција на пристигнатите творби и да постапи совесно, стручно и непристрасно согласно позитивните законски прописи во земјава.

Тие според Каевски требале да ги селектираат и разгледаат сите песни што пристигнале до нив, а не само да ги одберат најдобрите три, и за таа цел секој од нив бил платен по пет илјади денари.

Каевски вели дека чувствува морална, но не и друг вид одговорност за објавување на збирката. Одговорноста за направениот избор и за содржината на збирката ја лоцира кај членовите на надворешната комисија, но и кај раководителот на секторот кој ќе биде суспендиран и кој ја доставил збирката до Арс Ламина. Според него, во случајот постојат и видливи прекршувања на законски одредби од Законот за издавачка дејност.

– Како директор не сум дал никаква писмена и усмена согласност да бидам уредник, а притоа АМС не може да биде издавач на збирката поезија „Млади поети“ , а овластеното лице не може да биде уредник за истата имајќи ги предвид нормите во Законот за издавачка дејност, рече Каевски.

Еден од членовите на  комисијата каде Каевски ја лоцира одговорноста за објавувањето на зборката, Тихомир Јанчовски на својот Фејсбук профил, повторно објасни која била улогата на Комисијата во врска со песните од овој конкурс, при што укажува дека нивна обврска била да изберат три поетски твроби кои биле наградени, но не и да прават селекција за збирката.

-Ние бевме жири-комисија за одредување на ПРВИТЕ 3 места за песните на конкурсот објавен од АМС. Од сите песни, ние селектиравме 3 и сме одговорни за таа селекција. Во тие 3 песни што ги одбравме нема расизам, сексизам, албанофобија;

-Ние НЕ сме биле комисија за уредување на книгата и цензорирање на тоа кои песни треба да се објават. Книгата има корици, илустрации, песни… значи, морало да има и уредник. Уредувањето и објавувањето на книгата е извршено од Арс Ламина и АМС, т.е. од некои од нивните вработени. Тие веројатно имаат имиња и презимиња;

-Книгата е објавена 3 месеци по доделувањето на наградите. Во тие три месеци, никој од АМС не ни се јавил и не ни побарал мислење или препорака за тоа кои песни да одат а кои не. НЕ сме добиле ниедно писмо, ни порака, ни јавување по телефон дека треба да правиме нешто во таа смисла. НЕ сме информирани ниту за една етапа од подготовката на книгата. Книгата е подготвувана и уредувана 3 месеци. Дека книгата излегла, дознавме од медиумите;

-За објавените содржини, според законот за издаваштво, одговорен е уредникот на изданието, а не комисијата што одредила три песни што добиле награда, вели Јанчовски во постот на Фејсбук и притоа истакнува дека во конкурсот на агенцијата стои дека сите пристигнати песни ќе бидат објавени и притоа објавува линк до Конкурсот.

-Младиот директор на АМС ја знае вистината, но прави се’ за да си го зачува местото на кое е назначен од неговата партија. Некој го советувал да не обвини нас и да се држи до тоа. Ако. Негов избор, вели Јанчовски на Фејсбук.

Овој проект се спроведува четири години, а оваа година првпат тој како директор и Агенцијата биле наведени како уредник и издавач, а како тоа се случило дополнително ќе се утврди.

Арс Ламина го добила тендерот за „Млади поети“  кој првично изнесувал 400 илјади денари, а потоа со наддавање го добила за околу 180 илјади денари, за печатење и дистрибуција. Збирката е испечатена во 5.000 примероци, а АМС нема точна бројка колку досега се дистрибуирани. Недистрибуираните примероци од „Млади поети“ се повлечени. Дополнително ќе се утврдува што ќе се прави со оние што веќе се пуштени во продажба.

Во врска со тоа дека двете спорни песни се објавени под украден идентитет, Каевски вели дека МВР веќе презела иницијатива во врска со ова и ќе дејствува согласно своите надлежности. Песните се напишани од 41 – годишниот Александар Блажевски, но во збирката како нивен автор е наведен Даниел Пиљаковски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара Дарко Каевски, како што велат, да не бега од одговорност и да си поднесе оставка за објавените недолични творби кои што промовираат сексизам и шовинизам, шират говор на омраза и примитивизам.

– Бледите обиди да се избегне одговорност не можат да го спасат Каевски. Согласно Законот за издавачка дејност во чл.4 ст.1 издавачот мора да има уредник кој е одговорен за целокупната издавачка продукција. Според ст.2 од истиот член, уредникот е тој кој врши избор на публикации за објавување, прибавува и дава стручно мислење за публикацијата и е одговорен за квалитетот на истата. Уредник на оваа дело е Дарко Каевски, па така целосна одговорност за содржината на истата ја има тој и никој друг, рече Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Каевски мора да одговори и колку пари за објавување на оваа книга се исплатени и дали ќе ги врати парите кои се дадени за печатење на книгата во Буџетот на Република Македонија.

Се појави авторот, но не се знае и селекторот

Скандалот се појави изминатиот викенд кога зборката поезија беше објавена во јавноста. На социјалните мрежи се појавија дел од скандалозните стихови кои изобилуваат со расизам, сексизам и албанофобија на кои како автор стоеше името на Даниел Пиљаковски. Но Пиљаковски демантираше дека е автор на скандалозната поезија и рече дека случајот го пријавил во полиција.

Веднаш потоа се појави вистинскиот автор професор од Ресен, Александар Блажевски кој призна дека „го позајмил“ името на Пиљаковски, бидејќи како што рече сакал да конкурира но имал повеќе години од старосната граница наведена во оггласот на АМС. Тој воопшто не гледа проблем ниту кривично дело што го „позајми“ идентитетот на неговиот ученик.